Со полна мрежа  охридските “рибари“ се враќаат од гостувањето кај Турново, уловувајќи големи три бода. За белите ова е прв гостински триумф сезонава, во четвртиот обид. На некогаш неосвоивиот “Кукуш“ по воведниот триумф над актуелниот првак Шкендија сезонава на победи се радуваа Тетекс (0-1), Напредок (0-2)  и Охрид (1-2).


– Ни лежи Турново. Ние сме новајлии во прволигашкото друштво, но и пред некоја сезона ги поразивме во купот со 3-0, со што слободно можам да кажам дека овие две се едни од моите најдраги победи. Триумфот во целост е заслужен, брзо се вративме после примениот гол, успеавме да направиме пресврт , имавме уште неколку можности не ги искористивме, иако казната за тие промашувања можеше да стигне во финишот на мечот и сета добра игра да паднеше во вода  – вели офанзивниот Димоски кој стрелеше прецизно за водство на охриѓани.

Смената на тренерската позција Антиќ – Цветаноски ги даде посакуваните резултати, екипата закрепнува кондиционо, атмосферата меѓу играчите е подигната, а логично на сите нешта стигнуваат и победите. По трите меча на охридската клупа, Антиќ ја забележа првата победа.


– Антиќ во голема мера успеа да ја “разбуди“ и да ја “размрдара“ соблекувалната, дисциплината е на едно повисоко ниво, а со тоа и желбата за победа на секој натпревар  – потенцираше Димоски, кој на мечот со Турново го постигна својот првенец сезонава.

Наредната рунда на “Атина Бојаџи“, доаѓа 11 Октомври кој е должник од ланската сезона , кога пред 3 илјади гледачи во прволигашката трка го совлада Охрид со 2-1. Ривалитетот продолжува а белите имаат стратегија како до реванш.


– Без разлика на пласманот , 11 Октомври е квалитетна и цврста екипа која во целост ја респектираме. Нема безглаво да јуришаме, туку стрпливо ќе ја плетеме мрежата во која треба да се уловат гостите. Немавме сила со Вардар, издржавме против Металург, па сега редно е да ја израдуваме домашната публика со нова победа – истакна Димоски.

М.П.