Воведувањето и примената на електронскиот дневник наиде на подршка од страна на првите луѓе на охридските средни училишта. На овој начин родителите ќе имаат постојан и целосен увид врз успехот на своето дете, но и редовноста при следењето на наставата, потенцираат тие.
– Програмата за ваквиот начин на работа веќе ни е доставена и очекуваме за две до три недели да почнеме преку неа да ги внесуваме податоците. Сепак првите неколку месеци ќе се искористат за да се увидат евентуалните недостатоци со цел тие да бидат отстранети, вели директорот на ОЕМУЦ Св. Наум Охридски, Бошко Сиљаноски.
Е-дневникот е реализиран како веб базирана апликација. Во почетната фаза на проектот, родителите ќе добиваат извештаи по електронска пошта или со најавување на системот.
– Секој родител ќе има своја шифра преку која ќе може да влезе во системот и да има увид што се случува на училиште со неговото дете. Тоа значи дека ќе има целосна приватност, така што еден родител не може да има увид врз останатите ученици, освен за сопственото дете, потенцира Секула Баткоски, директорот на средното угостителско училиште Ванчо Питошески.
Директорите од охридските средни училишта деновиве имаа можност да учествуваат на презентацијата на електронската апликација Е-дневник, која ја организира министерот за образоавние и наука, Никола Тодоров.

Е-дневникот за основа ја користи базата на податоци од ЕМИС , во кој се собираат, обработуваат и презентираат податоци важни за основното и средното образование во Македонија. Засега во системот се внесени податоци за околу 600 основни и средни училишта во земјава. Во следната фаза на проектот Е-дневник ќе бидат опфатени и основните училишта.











