Случајот со објавување на лични фотографии во политички цели во медиумите предизвика лавина реакции во јавноста. На нив е прикажан Бошко Силјаноски, актуелен директор на ЕМУЦ „Св, Наум Охридски во Охрид“, наводно во друштво на млади девојки чиј идентитет не се открива. Силјаноски  ги демантираше таквите информации, посочувајќи дека се работи за фотографии на кои тој е во друштво на своите две ќерќи и деца на негови пријатели, направени во јавен спа центар при посетата на фолклорното друштво Филиграни на Банско, Бугарија. Тој вели дека не знае како тие фотографии, кои ги направуле членови на друштото завршиле во медиумите, но е згрозен од целиот случај.

-Поминаа 20 часа од објавување ма фотографиите, но јас се уште не можам да се смирам затоа што ми е допрен моралот. Верувајте јас сум 15 години професор, 20 години директор и не ми се случило во 54 години колку што имам толку ниско, мизерно да биде допрено достоинството на човек. Не само моето и на моето семејство, тука  и на децата од водството од друштвото „Филиграни“.-изјави Силјаноски.


Тој рече дека за жал случајот неосновано добил и политичка конотација, истакнувајќи дека нема никаква поврзаност со актуелниот градоначалник на Охрид.

-Јас сум директор од 2003 кога актуелниот градоначалник немаше стапено на функција, додаде Силјаноски.

Силјаноски најави дека ќе ги преземе сите законски мерки да го заштити личниот и угледот на семејството и ќе бара одговорност од тие што ги објавиле фотографиите.

-Јас сум во образованието долго како професор и директор. Не сум од вчера во образование и воспитание, ги учиме децата на позитивни работи, но ова е неверојатно што се случува, згрозувачко. Ќе ги бранам своите права, со цел колку што можам да си го заштитам мојот и угледот на семсјството и на другите несреќно инволвирани во случајот. Прво ќе барам да се објави демант на оваа клевета и навреда, а потоа веројатно ќе покренам и постапка за одговорност.-истакна директорот на ЕМУЦ „Св. Наум Охридски, Бошко Силјаноски.


Со реакција за случајот синоќа се јавија загрижени родители на ученици во училиштето каде директор е Силјаноски, од кого тие побараа одговорност.

Денеска осуда стигна и од здружението на млади психиолози од Скопје, од каде сметаат дека прикажаното на спорните фотографии може да биде лош пример за учениците.

-Училиштето покрај едукативната улога треба да дејствува и воспитно на децата. Директорот и сите вработени во училиштето  преку своето однесување и постапување треба да бидат пример и да влијаат во натамошната изградба на нашите деца како високо морални, чесни и одговорни личности. Тие ја градат нашата иднина и од нив  во голема мера зависи воспитувањето на нашите деца. Оттаму не можеме да премолчиме кога директот на едно училиште си дозволува да влезе во џакузи опкружен со млади разголени девојки, притоа употребувајќи алхохол. Ваквата постапка остава длабоки негативни последици за понатамошниот развој на овие млади девојки, кои се уште се развиваат и ги оформуваат своите карактери, а кои се несвесно инволвирани во ова недолично и вулгарно однесување.  Загарантирано право на нашите деца е образованието и воспитанието од страна на училиштата и нивните професори. Тие треба да имаат целосна доверба во лицата кои што го претставуваат училиштето, а не нивната младоста да биде на овој начин злоупотребена и искористена.-велат од Здружението на млади психолози, кое денеска одржа прес конференција во Скопје.


Оттаму сметаат дека се работи за неубава слика која испраќа порака која младите можат погрешно да ја сфатат, посочувајќи дека доколку се работи за семејни фотографии истите требало да останат во семејството. Здружението исто така забележува и на преголемиот публицитетет кој му се дава на целиот случај во медиумите.

Случајот денеска на прес конференција го осуди Сојузот на иднината, кој ги обвини политичките противници за валкана кампања која, според нив, може сериозно да го наруши изборниот процес во Охрид.

OhridNews