Директорот на средното стручно училиште ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, Бошко Силјаноски, на прес конференција на Сојузот на иднината, вечерва, во присуство на своите две ќерки, ги демантираше изјавите објавени во медиумите, каде биле презентирани фотографии на кои тој наводно е во друштво на млади девојки.


Тој појасни дека се работи за злоупотреба на фотографија направена на приватно патување со ансамблот Филиграни во Банско, каде тој престојувал заедно со ќерките во друштво на пријателите од друштвото, исто така родители и нивните деца, сите членови на друштвото. Силјаноски презентираше фотографија на која тој е во базен со неговите ќерки, посочувајќи дека медиум ги злоупотребел неговите и децата на други членови од фолклорното друштво во политички цели.

-Тие објавија монтирани фотографии со кои за ситно политички цели, трајно го нарушија угледот на едно семејство. Поради тоа против нив ќе бидат поднесени тужби за клевета, нарушување на личниот интегритет и злоупотреба на медиум во политички цели.-рече Силјаноски, додавајќи дека е згрозен и повреден од целиот случај.

Во негова одбрана застанаа ќерките, како и членови на друштвото, кои кажаа дека ги направиле фотографиите од заедничкото дружење во Банско.

-Го сликав јас како родителка на дечиња со кои Бошко беше во базенот. Тоа е нешто  нормално  во секое дружење. Јас како одговорна  не ги пуштам дечињата. Задолжително  сме некои од возрасните со нив тука- рече Драгица Ѓореска, која најави дека друштвото Филиграни исто така ќе поднесе тужба за навреда и нарушување на угледот против медиумот кој ја објавил информацијата.

Нешто подоцна вечерва,  пред средното училиште ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ се одржа протест, на кој родители побараа одговорност и оставка од директорот Силјаноски поради неморално однесување.

Реагираше Сојузот на иднината, според кој целиот случај е политичка конструкција и манипулација од страна на политичкиот противник, кого го обвини за водење валкана кампања.

OhridNews