На интернационалната конференција и работилница на тема “Оддржливо управување со цврст отпад” што од 7-ми до 9-ти јуни ќе се одржи во Плок , Полска, учество ќе земе и директорот на ЈП. „Охридски Комуналец“, Сашо Алче. Од околу 100 апликанти од Централна и Источна Европа, тој е избран во 25-те учесници на оваа работилница. Конференцијата е во организација на Институтот на Обединети Нации за истражување и развој-УНИТАР, ЦИФАЛ-Плоцк, Универзитетот за технологии-Варшава и др., а ќе учествуваат раководни лица од локалните самоуправи, експерти, министри, претставници од познати компании од приватниот сектор, невладини организации и универзитетски предавачи од Централна и Источна Европа.
Во текот на работилницата ќе се дискутира за националните и интернационалните проекти за управување со отпад, идентификување на границата на ефективното и исплатливо имплементирање на законите и политиката на управување со отпад на европско ниво, како и креирање на политика за заштита на човековата околина, економскиот и социјалниот импакт на стратегиите на управување со отпад преку нови современи технологии.
Оваа конференција е можност за Ј.П.”Охридски Комуналец” за следење на модерните и современи европски движења и насоки во политиката за управување со цврстиот отпад, а секако и прилика со која се отвораат можности за соработка и инвестирање во проекти од областа на заштитата на човековата околина.-информираат од јавното претпријатие.











