ЈП „Охридски Комуналец“ во текот на вчерашниот ден на улицата „Стив Наумов“ продолжи со дистрибуција на 120 литарски садови за селектирање на отпад кои се донација на Министерството за животна средина и просторно планирање, информираат од Општина Охрид.
Се работи за жолти садови за собирање на селектиран отпад од пластика и сини садови за селектиран отпад од хартија на домаќинства, кои се дел од вкупно 1.200 садови, доделени на Општина Охрид, посочуваат.
Акцијата се реализира во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ чија цел е подобрување на управувањето со отпад на општините и јавните комунални претпријатија од Југозападниот и Пелгонискиот регион, имплементиран од САЛАР Интернационал, а финансиран од Владата на Шведска.
Во текот на вчерашниот ден, претставниците од САЛАР Интернатионал, Пеле Халберг и Емил Ангелов, директорот на Ј.П „Охридски Комуналец“, Сашо Најдески, претставници на Граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ и претставници на Општина Охрид, направија увид на дел од охридските домаќинства на кои веќе им се доделени садови за селектирање отпад.
Граѓаните ја изразија својата подготвеност за учество во ваквиот начин на справување со отпадот, при што беше потанцирана реупотребата на селектираниот отпад, како најголема придобивка за зачувување на животната средина, додаваат од Општина Охрид.
OhridNews