Најголемата гужва во сообраќајот  во Охрид, ја прават струшките такси превозници кои превезуваат патници од Струга до Охрид и обратно. Тие настојувајќи да заработат повеќе пари, возат на диво без да ги поседуваат задолжителните лиценци и документи за меѓу градски сообраќај, велат од Општинскиот инспекторат.

-Охридските такси возила работат легално. Над 90% од нив имаат уредна документација и лиценци неопходни за работа, убедува првиот човек на градскиот инспекторат, Танас Танасоски.

Дивите таксисти од Струга лесно се движат на своја територија, струшките надлежни органи им прогледуваат низ прсти, но тие не остануваат не казнети во Охрид . Државниот инспекторат ги лови на меѓу градските патни правци, а охридските локални инспектори ги откриваат низ нашите градски улици.

-Од страна на републичката  инспекција веќе се  одземени пет струшки такси  возила и  две од Битола, тие возеле без потребните документи, на диво. Седумте такси возила согласно новите законски измени се одземени на шест месеци односно една година“   вели  Танасоски.

Проблемот со такси возилата е најголем во период на летната туристичка сезона, кога возачите буквално од рака ја одредуваат превозната цена, која најчесто е три пати поголема од стандардната. Денеска и  од Управата за Јавни Приходи ветија дека во најскоро време  ќе го решат проблемот   со дивите такси возила со почести контроли на терен, и со обврска возачите редовно да им издаваат фискални сметки на патниците.

А.Б.