Државниот инспекторат за земјоделство излезе со соопштение по добивањето на известувањето од системот за брзо известување на ЕУ (RASAFF – Window) од Република Хрватска во врска со пратка на свеж кељ (Brassica oleracea var sabauda), која била идентификувана како небезбедна од страна на хрватската царинска служба при увозот.

По добивањето на оваа информација, Државниот инспекторат за земјоделство направи 20 вонредни контроли од страна на внатрешни фитосанитарни инспектори кај регионалниот откупувач и извозник, при што е констатирано дека земјоделскиот производ свеж кељ е откупен од земјоделско стопанство во с.Јосифово, Валандово. Инспекцискиот надзор беше спроведен кај 20 земјоделски стопанства меѓу кои и производителот од кој потекнува свежиот кељ, и се земени мостри за да се утврди дали има присуството на забранената активна материја. По добиениете резултати Државната фитосанитарната лабораторија беше констатирано дека нема присуство на ниту една забранета активна материја во земените примероци. Во рамки на акцијата беа изречени решенија за водење на евиденција и глоба во износ од 700 евра, по истиот основ, информираат.
Во изминатите денови, посочуваат, беа извршени дополнителни проверки и анализи, а директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, во рамки на изјавата за медиуми апелираше дека водењето на листа за евиденција на третирање на растенија и растителни производи е задолжително.
Државниот инспекторат за земјоделство во континуитет ги следи сите аспекти на безбедноста на земјоделските производи што се извозуваат или увезуваат во нашата држава. Нашата основна задача е да обезбедиме гаранција дека производите кои ги испорачуваме на странските пазари, како и оние што ги увезуваме, не содржат забранети или опасни активни материи кои можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Во случајот со кељот извезен во Хрватска, по извршените контроли и анализи, можеме да потврдиме дека нема присуство на опасни материи. Но, и понатаму ќе продолжиме со интензивни надзори за да осигуриме безбедност на сите земјоделски производи во нашата држава, истакнува Анакиев.
Од ДИЗ потенцираат дека иако во Македонија пазарот на пестициди кои содржат imidacloprid е веќе регулиран, и понатаму се изведуваат редовни и вонредни инспекциски надзори.
На овој начин, се осигурува дека земјоделците ги следат законските регулативи и дека не се користат забранети хемикалии кои можат да доведат до затруени производи. За дополнителни информации, граѓаните се упатуваат да ги следат сите нови извештаи и да се консултираат со надлежните органи, додаваат од ДИЗ.
OhridNews











