Општините Охрид и Струга да преземат мерки за санација на секундарната канализација и издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води, а државното јавно претпријатие „Колекторски систем“ да добие повеќе средства за реконструкција и санација на колекторот на Охридското Езеро. Ова го препорачува Државниот инспекторат за животна средина – ДИЖС, по извршениот вонреден надзор за излевање на води во Охридското Езеро од колекторскиот систем.
Како што соопшти денеска ДИЖС, по претставка на политичката партија Левица, овластени инспектори извршиле увид на делница на колекторот од препумпна станица Орце Николов до препумпна станица Подмолје, посетувајќи ги и препумпните станици лоцирани долж оваа делница кај месноста Далјан и спортското игралиште.
При увидот констатирано е дека четирите препумпни станици се функционални. Меѓутоа, поради дождовите, како и собирањето, односно одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа, кај инспектираните станици утврдено е прелевање на отпадните води во езерото. Државниот инспекторат ќе достави известување до надлежен овластен инспектор за животна средина и до општините Охрид и Струга да преземат мерки за санација на секундарната канализација и издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води. Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие „Колекторски систем“ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. – соопшти ДИЖС.
Во меѓувреме овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди, се вели во соопштението на Државен инспекторат за животна средина.

Секојдневните барања на информации од јавен карактер воопшто нема да не попречат да продолжиме со искрен и отворен однос кон сите. Ние сме тука и ние сме тие кои заеднички сакаме да работиме и да изнаоѓаме решенија за секој еден проблем. – истакна во изјава за медиумите в.д. директорот на „Колектроски систем“ Владимир Алексијоски.

На 10 февруари, годинава, Владата ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии да обезбедат средства и да го вклучат Проектотот за изградба на колекторски систем од Радожда до Калишта, струшко, како приоритетен за 2021 – 2022 година.
OhridNews













