Со впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато во Светска Рамсар листа, С.Македонија, по Преспанското и Дојранското Езеро го доби третото и најголемо водно живеалиште од меѓународно значење, заведено под бр.2449. Подрачјето е прифатено согласно сите 9 критериуми на Рамсарска Конвенција и е со вкупна површина од 25 205 хектари. Со него ќе се управува од страна на трите општини Охрид, Струга и Дебарца, велат од Државниот инспекторат за животна средина по повод Светскиот ден на водните живеалишта, 2-ри февруари.

Впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Светска Рамсарската листа значи меѓународно признавање и препознавање на специфичниот и богатиот биодиверзитет и ендемичните и ретки видови како и присуство на голем број на живеалишта и видови од национално и ЕУ значење на ова подрачје. Од друга страна, тоа води кон негово помудро и поодговорно управување, подобрување на еколошкиот карактер на подрачјето и заштита на видовите и живеалиштата, поттикнување на научно истражувачки дејности и меѓународна соработка, што секако ќе го зголеми публицитетот и вреднувањето на подрачјето, ќе ја зголеми понудата за еко туризмот во регионот, а со тоа ќе се отвораат и поголеми можности за социо-економски развој и за финансирање, велат од ДИЖС.

С. Македонија ја ратификуваше Рамсарската Конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност во 1991 година.

Водните живеалишта често се гледаат како пречка за земјоделство, и тие и понатаму продолжуваат да се исушуваат и рекултивирааат за да се направи земјоделско земјиште на располагање. Но, суштинската улога на овие површини во поддршка на земјоделството станува појасна и појасна, и постојат успешни земјоделски практики кои го поддржуваат сочувување на состојбите на водните живеалишта, додаваат од ДИЖС.

2-ри февруари, Светскиот ден водните живеалишта велат се одбележува од денот на усвојувањето на Конвенцијата за водни живеалишта во 1971 година, во иранскиот град Рамсар на бреговите на Каспиското Море. Секоја година почнувајќи од 1997 година, Секретаријатот на Рамсарската има обезбедено материјали, кои им помагаат на владините агенции, невладини организации, други бројни организации и групи на граѓани да делуваат и помогнат во подигнување на јавната свест за важноста и вредноста на водните површини, потенцираат од ДИЖС.

OhridNews