Државната комисија за спречување на корупцијата донесе заклучок да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на одговорното лице – поранешен  вршител на должноста директор и на други одговорни лица и членови на органите на управување на Јавното  претпријатие  за  комунална  дејност  Охридски  Комуналец – Охрид.

Како што информираат од ДКСК, ваквата одлука се носи поради постоење на основано сомневање дека во текот на 2008 година, извршени се кривични дела-  Злоупотреба на службена положба и овластување, со тоа што при раководењето и управувањето со  јавното претпријатие и при располагањето со средствата на претпријатието, во спроведувањето на постапките за јавни набавки овие лица ја злоупотребиле својата службена положба и овластувањата и не обезбедиле законито користење на средствата. Притоа, за себе или за друг, прибавиле  значителна имотна корист, а на претпријатието му нанеле значителна штета.

Иницијативата се темели на утврдени состојби на : непочитување на Законот за јавни набавки при вршење на јавни набавки за потребите на претпријатието, односно во спроведени постапки за јавни набавки во вредност од 12.316.000 денари при кои се практикувало неутврдување на количините на набавката и на изворот на средствата потребни за реализација на набавката, склучување на договор без определување на вредноста на договорот, а во два случаи на јавни набавки неосновано и без соодветен извештај од Комисијата за јавни набавки биле склучени договори во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Била извршена и набавка на стоки без да биде спроведена постапка за јавна набавка во износ од 224.000 денари.

Од страна на ДКСК било утврдено и дека биле извршени спроведувања на трансакции и исплати на застарени побарувања од минати години (2004 и 2005), во текот на 2008 и 2009 година , на седум правни лица во вкупен износ од 694.000 денари, плаќање без веродостојна документација и без настанат должничко доверителски однос  во износ од 846.000 денари како и други случаи на нанесување на штета на претпријатието и непревземање на мерки за заштита на неговиот  имот во вршењето на дејноста од јавен интерес.

Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на одговорни и службени лица од страна на ДКСК ќе биде доставена до Јавниот обвинител на Република Македонија.

OhridNews