Државната комисија за спречување на корупцијата констатираше дека поранешниот претседател на Владата и поранешен претседател на Македонија, а сега лидер на опозициската СДСМ, во анкетниот лист не пријавил плац на неговата сопруга Јасмина Црвенковска – Димитриоски на хрватскиот остров Корчула, како и станот и другото наследство што го добила неговата сопруга од својот татко во Белград, јавува „Макфакс“.
Со ова според ДКСК, Црвенковски го прекршил Законот за спречување на корупцијата, бидејќи овој имот на сопругата не го пријавил во анкетниот лист ни додека бил претседател на Владата, ниту додека бил претседател на Македонија, иако имал таква обврска.
ДКСК поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот прекршочен суд, како и барање до Управата за јавни приходи за испитување на имотот на Бранко Црвенковски.
„Со цел надлежно постапување во спроведувањето на Законот за спречување на корупцијата, ДКСК побара од надлежните органи официјално да добијат информации и документација за посочените сомневања за имотот на Црвенковски. По нивното добивање несомнено се покажува дека во однос на парцелата на Корчула, фактичката состојба е непромената, тој имот и во 2011 година и припаѓа на Јасмина Црвенковска. Купен е во 1979 година, а во 1981 е внесен во Катастарот во Хрватска на нејзино име,. Исто така од документацијата, ДКСК се осведочи дека Јасмина, од 2003 година е наследник на една третина од вкупниот имот на нејзиниот татко што исто така не е пријавен, иако нејзиниот сопруг тогаш беше претседател на Владата. Во наследното решение од петтиот општински суд во Белград Јасмина е наследник на една третина од станот со квадратура од 76,70 метри квадратни, овоштарник и нива, гаража, како и девизни средства од 26.545 американски долари, 19.534 германски марки и 2.546 швајцарски франци“ изјави претседателот на ДКСК, Воислав Зафировски.
Комисијата истовремено до Јавното обвинителство достави и иницијатива за кривично гонење и против генералниот секретар на опозициската СДСМ, Андреј Петров, кој беше организатор на изборната кампања на оваа партија.
Според нив тој извршил кривично дело со непријавување на изворот на финансии на изборната кампања, со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување на финансиски извештај за потрошените средства, со пречекорување на законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, со користење на недозволени средства за изборна кампања со исплати спротивни на намените за финансирање на кампањата.
Иницијатива за кривично гонење е поднесена и против управителот на сега веќе згаснатата А1 телевизија заради сомнение дека го злоупотребил овластувањето со тоа што дал непотполни и лажни податоци за дадените донации и со обезбедување на недозволени средства за изборна кампања.
За истите дела иницијатива за кривично гонење е поднесена и против управителот на „Плус продукција“ која ги издаваше згаснатите весници „Време“, Шпиц“ и „Коха ***“, Бобан Шошкиќ.
извор: „Макфакс“












