Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ од Струга е избрано меѓу 90-те од Западен Балкан да учествува во програмата за размена на RYCO Superschools, во конкуренција од вкупно 550 училишта.

Програмата за размена на RYCO Superschools, како што информира раководителот на струшкото музичко училиште Димитри Кумбароски, предвидува интеркултурна размена, на 17 ученици и двајца професори од Струга, со исто толку ученици и професори од музичкото училиште „Стефан Мокрањац“ од Пожаревац, Србија.
Целта на проектот е да ги подобри музичките вештини и да промовира културно разбирање преку активности за неформално образование. Активностите вклучуваат работилници, мастеркласи и заеднички изведби, обезбедувајќи им на учениците динамична и интерактивна средина за учење. Сесиите за културна размена ќе им овозможат споделување традиционална музика, танци и приказни од нивните региони, истакна Кумбароски.
Според него, предвидени се и активности на отворено што ќе овозможат истражување на културно-историското наследство на Струга и Пожаревац.
Музичките активности на отворено околу мирното Охридско Езеро ќе ја спојат природната средина со музичката уметност. Учениците ќе го истражуваат културно-историското наследство на Струга и Пожаревац. Оваа иницијатива ќе ги развие музичките способности на младите, културното разбирање и личен раст, создавајќи симфонија на учење и единство преку универзалниот јазик на музиката, изјави Кумбароски.
Меѓу 90-те избрани училишта, 15 се од Македонија, 30 од Србија, 16 од Албанија, 16 од Босна и Херцеговина, пет од Црна Гора и осум од Косово.
OhridNews











