Вредни уметнички дела што биле украдени во земјава, најмногу икони на познати зографи од Македонија, се бараат преку полициските канали на Интерпол. Преку меѓународната полиција се трага по околу 43.000 вредни предмети украдени од над 120 земји во светот, а 161 се од земјава, пишува „ Дневник“.

Македонската полиција долго соработува со Интерпол кога е во прашање пронаоѓањето украдени уметнички дела од земјава. Три од иконите што Македонија ги бара преку Интерпол беа пронајдени во Албанија. Тие беа дел од колекцијата на Ѓерг Тимо, колекционерот од Албанија, кој беше уапсен и подоцна осуден за кражба на артефакти. Сега тие најверојатно ќе ја дополнат базата на меѓународната полиција во која се вметнуваат решените случаи.

Во базата на Интерпол преку која се бараат украдени уметнички предмети има над 43.000 вакви предмети украдени од повеќе од 125 држави. Мал е бројот на предметите што се пронаоѓаат. Па од креирањето на дата-базата во 1995 година до денеска биле пронајдени само нешто над 2.000.

– Нелегалната трговија со уметнички дела ги погаѓа и земјите во развој и развиените земји. Станува збор за меѓународен криминал, за кој нема граници и најчесто украдените предмети се пренесуваат преку повеќе држави. Нелегалната трговија е придвижена од огромната побарувачка. Истовремено таа генерира огромни профити за криминалците што се инволвирани најчесто во мрежи – велат од Интерпол.

Соработката помеѓу македонската полиција и Интерпол во врска со пронаоѓањето украдени предмети од земјава е подолга. Од поинтересните случаи што ги посочуваат од Националното биро на Интерпол-Скопје е случајот од 2005 година, кога словенечките полициски и царински служби на граничниот премин Обрежје, помеѓу Хрватска и Словенија, заплениле археолошки предмети. Овие предмети биле проценети од Националниот музеј во Љубљана, според кој тие потекнувале од археолошки локалитети во Македонија и датирале од периодот од 9 до 3 век пр.н.е.

Тука е и случајот со кражбата на 4 икони, изработени од Дичо Зограф од Манастирот „Св. Богородица“ во Кумановско, која се случила во 2004 година. Тогаш МВР и парохискиот свештеник утврдиле дека според регистарот на иконите недостасуваат уште 6 икони, кои најверојатно биле украдени пред 2002 година.

OhridNews

извор: Дневник