Двете доминантни етнички заедници во Македонија се длабоко поделени по прашањето за правецот во кој се движи државата, за волјата на Владата да работи за нашето интегрирање во Европската Унија, за трошењето на буџетот, за борбата против корупцијата.
Албанците и Македонците како да живеат на две различни планети кога станува збор за доминантните надворешни и внатрешнополитички прашања во Република Македонија. Ова го покажува анкетата на „Дневник“ што за весникот ја спроведе агенцијата „Рејтинг“.
Државата оди во правилна или во погрешна насока?
Најсликовит пример за овој заклучок е одговорот на испитаниците на прашањето за правецот во кој се движат работите во Македонија, за кој најодговорна е Владата. Натполовично мнозинство Македонци (52 отсто) во анкетата се изјаснуваат дека работите се движат во правилна насока, додека истовремено огромно мнозинство од 81 отсто Албанци мислат дека насоката во која се движи државата е погрешна. Ова мнозинство придонесува вкупната слика кај граѓаните за насоката во која се движи државата да биде искривена, односно 52 отсто граѓани – Македонци и Албанци заедно, да мислат дека државата ни оди во ендек.
Ваквиот став на Албанците не кореспондира со нивната политичка определба за партиите на власт или за оние во опозиција. За потсетување, анкетираните Албанци, како што објавивме вчера, на владејачката ДУИ ч даваат поголема поддршка (7,2 отсто) од вкупната поддршка за двете опозициони партии НДП и ДПА заедно (6 отсто), така што е очигледно дека на испитаниците не им се допаѓа насоката во која државата ја движи македонскиот коалиционен партнер – ВМРО-ДПМНЕ, а не и партијата на Али Ахмети.
Ова не е никаква новина зашто и во минатото Албанците се изјаснувале негативно за правецот во кој се движи државата независно од македонскиот партнер во власта. Албанците традиционално сметаат дека Македонците не ја водат државата таму каде што тие би сакале да оди.
Владата сака да влеземе во ЕУ
Ова го потврдува и ставот на анкетираните граѓани за мислењето дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ реално не сака Македонија да влезе во ЕУ. Додека огромно мнозинство Македонци, 73 проценти, не се согласуваат со ваквото мислење, сосема спротивно, 79 отсто Албанци сметаат дека Владата на Груевски не сака Македонија да влезе во ЕУ.