Доколку продолжи трендот на намалување од осум Македонци дневно, исчезнувањето ќе биде неминовност, а последниот етнички Македонец на територијата на сегашна Република Македонија ќе умре во 2466 година, односно по 453 години, анализира „Дневник“.

Според анализите на овој весник, во земјава 50 проценти или 42 општини биле со негативен природен прираст во 2012 години, тоа меѓу другите се општините Карпош, Кисел Вода, Берово, Битола, Гевгелија, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Кавадарци, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Охрид, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Ресен, Свети Николе, и други.

Статистиката исто така покажала дека бројот на етничките Албанци секојдневно се зголемува за 13, но се напоменува дека во иднина и овој тренд ќе запре.

Од етнички аспект најчесто умираат Македонците, лани умреле 14.823 Македонци, односно дури 73.6 проценти од вкупниот број умрени, на а лицата од албанска националност пак процентот изнесува 16.9, наведува Дневник.

Наталитетот во земјата пак, според податоците од 1995-та до 2012-та година, се намалил за четири пати, односно природниот прираст во 1995-та изнесувал 13.717 лица, додека пак лани оваа бројка изнесувала 3.434 лица.

Македонија веќе 18 години ја губи битката со наталитетот и според статистиката индексот на природниот прираст од вредност 100 во 1995-та, лани пак изнесувал само 25, што претставува загрижувачки пад.

OhridNews
извор:„Макфакс“/ „Дневник“