Ако утре би се одржале изборите ВМРО-ДПМНЕ во новото Собрание би имало 51 пратеник , СДСМ – 32, ДУИ – 14, ДПА – 7, Руфи Османи – 3, Нова демократија – 4, Обединети за Македонија – 3, ЛДП – 2, а 4 пратенички места се резервирани за други партии.

Овие резултати ги покажа последната анкета на дневниот весник „Дневник“, која ја спроведе агенцијата „Рејтинг“, пренесува „Макфакс“.

Ако утре би се одржале изборите 24,3 отсто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 16 отсто за СДСМ, 8,1 проценти за ДУИ и 3,9 отсто за ДПА. Од малите политички партии за Нова демократија на Имер Селмани се определиле 3,4 отсто од испитаниците, за Обединети за Македонија – 2,3, за партијата на Руфи Османи – 2,2, за ЛДП – 2,1 и за ВМРО-НП 1,4 процент.

Голем процент, 72 отсто од граѓаните во анкетата одговориле дека ќе излезат на гласање, а бројот на неопределените изнесува 33,2 отсто.

Во споредба со минатото мерење на рејтингот, во март годинава, кај ВМРО-ДПМНЕ има негативно отстапување за 0,8 отсто (25,1 проценти во март), а кај СДСМ пораст за 0,8 отсто (15,2 отсто во март). Рејтингот на ДУИ (8 отсто во март) и на НД (3,4 отсто во март) е бетониран, а на Руфи Османи пораснал за 0,5 отсто (1,7 процент во март).

На прашањето „Дали влада на СДСМ или влада на ВМРО-ДПМНЕ може поуспешно да се справи со проблемот на невработеноста и сиромаштијата?“ 24 отсто од испитаниците сметаат дека со невработеноста и сиромаштијата најдобро би се справила влада на ВМРО-ДПМНЕ, а 15 отсто, еден помалку од тие што се изјасниле дека ќе гласаат за најголемата опозициона партија, се на мислење дека во тоа би била поуспешна влада на СДСМ.

OhridNews
извор: „Макфакс“