Создавање инклузивно општество каде секое лице независно од неговите способности и возраст има еднаков пристап до услуги и ресурси и може да живее достојно и рамноправно е идејата која веќе осумнаесет години се реализира преку Дневниот центар „Добротољубие“.
На почетокот за лица со попреченост, а сега веќе и за стари лица во Охрид, 40 корисници имаат можност дел од своето секјодневие да го поминат во Центарот кој е сместен во црквата „Свети Ѓорѓија“, да се дружат, да се стоплат, да имаат оброк, но и да добијат психолошка поддршка. А поддршка добиваат и семејствата.
И цела оваа хумана приказна немаше да биде реалност која трае, ако не се реализираше идејата на Католичката и Православната црква, а со поддршка и на нашата хумана заедница.
„Добротољубие“ е отворено за сите
Марија Кочовска е дипломиран психолог која работи во Дневниот центар. Вели сме се прифатиле едни со други и сме се соединиле така што функционираме како едно семејство.
Од 2005 година функционира Дневниот центар „Добротољубие“ и е идеја за соработка помеѓу Православната и Католичката црква. „Добротољубие“ е отворено за сите кои имаат потреба од згрижување, без разлика на возраста и пречките во развојот, вратите се отворени за сите. Хуманоста, големината на идејата се гледа во поглед на тоа што нема никакви ограничувања, нуту на возраст, хендикеп, материјални средства, категоризации. Првично сакавме да дадеме акцент на најранливите категории кои имаат потреба од згрижување лица да ги згрижиме тука, и да им помогнеме и од финансиски аспект, бидејќи овде е се бесплатно, финансирано од Германија преку проект. Сега бидјеќи се згрижени и лица со инвалидитет и стари лица имаме околу 40 корисници во евиденција. Континуирано лицата не се тука, доаѓаат кога сакаат, колку сакаат, со договор. Лицата се земаат со наш превоз и се враќаат дома, имаат оброк тука, ужинка, напитоци, вели Кочовска.
Супервизори од Православната и Католичката црква се тука за лицата за духовни разговори и да им дадат поддршка.
Создавање инклузивно општество
Разговорот и нашата стручна помош ние си ја вршиме, ама многу е битно меѓусебното дружење, потенцира нашата соговорничка.
Нашата визија е да создадеме инклузивно општество каде секое лице независно од неговите способности и возраст има еднаков пристап до услуги и ресурси и може да живее достоинствено и рамноправно. Значи да им овозможиме еден квалитетен и достоен живот, во смисла да се згрижени, да знаат да ги обавуваат хигиенските потреби сами, да знаат сами да се хранат, да се облекуваат, да ги научат основните работи. Има психолошка поддршка и за секој има програма како кај лицата со лесна попреченост, така и за кај старите лица со проблеми со депресија, анксиозност, агресивност. Сите овие работи се следат кај нив од нивното првично доаѓање кај нас па низ развојниот период, напредокот кој сме го постигнале. Програмата е направена индивидуално и како да се реализира за тоа лице, но сепак, најголем акцент се става на нивната слобода и потреба. Тие кога ќе сакаат, ако сакаат, колку сакаат и кога сакаат, додава Кочоска.
Потенцира дека задржувањето на концентрација кај овие лица е многу мал временски период, но, вели, се прилагодуваме, ќе се поработи десет минути, па се остават да погледаат телевизија, да поработат на компјутер, па пак се продолжува.
Овие лица имаат голема потреба да излезат од дома. Првенствено овде кај нас е социјализацијата која ја доживуваат низ разговор, смеа. Нов многу интересен момент е што старите лица и лицата со попреченост почнаа да се вклопуваат, да си помагаат меѓусебно, да се забавуваат преку друштвени игри. Тоа ни беше и на нас предизвик, како ќе се спои едното со другото. Но, еве го гледаме позитивниот резултат. Изненадувачки е прифатен овој спој и се создаде една целина, една еднаквост, заклучува таа.
Поддршка за семејствата
Семејствата се радуваат дека постои нешто вакво во нашиот град каде што може да им се пружи ваква помош без никаков финансиски намодесток, посочува Кочоска
Многу е топло е прифатена од нивна страна работата на Центарот. Кога одиме на екскурзии земаме и родител, за да и тие почувствуваат дел од сето ова, а нашите врати се секогаш отворени за нив, за разговор. Саатите додека се тука лицата, нивните родители ги користат да завршат одредени работи и им е добредојдено, бидејќи станува збор за лица кои имаат потреба од 24 часовна нега, истакнува Кочоска.
Вели организираат и дневна семејна одмена на овие семејства, па многу често знаат да отидат и во семејни посети и ќе им се даде една психолошка поддршка, љубов, блискост и топлина и на нив.
Во некои семејства, за жал, не може да се допре. Некои семејства ја разбираат целата работа, некои не сакаат да си го сменат начинот на живот. Јас колку и да се трудам да им кажам дека е убаво за самото лице некој час да дојде во Центарот, па и со самите родители заедно, едноставно си имаат некој тек на живот и не може да се смени. Жал ми е што не може да се искористи ова што е направено токму за овие лица, истакнува Кочоска.
Хуманоста на нашите граѓани на дело
Често се обезбедуваат и социјални пакети кои им се дадат на социјално најзагорезените семејства, пакети со храна или финансиска помош.
Најмногу финансиски средства доаѓаат од Католичката црква, а Православната црква ни помага на свој начин, со издавање на простор, огрев, донации за екскурзии. Имаме многу и локални помагатели кои ни помагаат да ја истрпиме оваа цела приказна која трае години бидејќи секое едно нешто треба да се направи. Има многу хумани граѓани кои ќе ни носат дрва за огрев, храна. Народот сака да постои овој Центар и да ни помагаат секој на свој начин. Голем помагател ни е и Општината, потенцира Кочоска.
Дневниот центар „Добротољубие“ работи од 8 до 16 часот од понедленик до петок, но лицата се згрижуваат до 13.30 часот, по што истите со превоз се враќаат во своите домови, а вработените продолжуваат со административните работи.
Се што е во наша можност сакаме да им обезбедиме, да видат и искусат нови нешта. Така, организираме бројни креативни работилници, како новогодишни, така во последно време и во соработка со Слоу Фуд Охрид имаа можност лицата згрижени кај нас да научат да месат комат, да научат за вината… Се дружиме, одиме на заеднички ручеци, на Денот на лицата со попреченост ги носиме на една веселба со родителите да се релаксираат, организираме новогодишни забави. Екскурзиите ги правиме сега веќе со една вечер преспивање и за реализација на истите повторно хуманоста е на дело, посочува Кочоска.
Битно е да се дадат иницијативи и да се разгледаат
Така почнавме и ние. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи меѓу двете цркви. На почетокот сме биле на многу помало ниво во секоја смисла, но со тек на времето докажуваме дека работата може да еволуира, да се создадат подобри услови. Можат да опстанат работи кои навидум ни изгледаат како невозможни. Многу подобри услови се направени со текот на годините. Затоа не треба да се откажуваме од идеите да се создаде нешто ново. Треба напор, сила и желба и да не се откажуваме, зошто нештото може да има изненадувачки успех, вели Кочовска.
Ја потенцира потребата во нашиот град да има место каде лицата ќе бидат згрижени 24/7, бидејќи вели има лица каде нема кој да се грижи за нив и голема работа е ако се покрене една иницијатива за целодневно нивно згрижување. Додават оти и старите лица имаат потреба од соодветна грижа, зошто малку им е времето кое го поминуваат во Центарот.
Н.С.Ј.
Фото. Б. Стојаноски/OhridNews