Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Зраци“ е втор дом и единствена светла точка за социјализација на лицата со пречки во интелектуалниот развој од Охрид. Овој центар кој функционира околу 15 години во голема мера ја олеснува обврската на семејствата околу згрижување и чување на овие лица.

Во оваа установа со осумчасовен дневен престој се згрижени околу 15 лица, на различна возраст, кои имаат тешки или умерени пречки во психичкиот развој.

-Целта на центарот е лицата со пречки во интелектуалниот развој, да се осамостојат и да се научат сами да ги задоволуваат своите основни животни потреби. Покрај тоа што се олеснува животот на семејствата од овие лица, Центарот придонесува и за нивна меѓусебна разонода и дружење, вели Зоран Костадиноски, дефектолог во Центарот „Зраци“.

Тој објасни дека условите за згрижување на лицата со попреченост на центарот се значително подобрени со временото решавање на работниот статус на вработените во центарот, преку проектите на УНДП и Австралиската амбасада, кои ги обезбеди Охридската локална самоуправа.

-Тоа што општината застана зад овој центар се овозможи неговото континуирано работење. Тоа ни овозможува и нам како вработени, на родителите и на корисниците на центарот да можеме долгорочно да размислуваме и да го планираме неговото понатамошно функционирање, вели Костадиноски.

Родителите кои ги носат своите деца на згрижување во овој центар велат дека се презадоволни од целокупниот начин на работа.

-Кога ги оставаме нашите деца овде сме сигурни дека ги оставаме во добри услови и дека ќе бидат соодветно згрижени. Задоволни сме и од тоа што и претходната и сегашната локална самоуправа води грижа и ја помага работата на центарот и тоа што се обезбедија простории за работа и времено се реши статусот на вработените. Се надеваме дека во иднина ќе се размислува и за трајно решавање на нивниот работен статус, вели Орхидеја Топенчарова, родител на дете со посебни потреби.

Според неа во Охрид се уште треба да се подигне свеста за инклузија на лицата со попреченост во рамки на општеството и секојдневното живеење.

Инаку по повод Меѓународниот ден на лица со посебни потреби, штитениците на Центарот, денеска им врачија Благодарници на сите фирми и институции, кои изминатава година го потпомогнале функционирањето на истиот.

Центарот го посети и заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев со претставници на локалната самоуправа како и претставници на други институции и хуманитарни организации.

Е.М