Корисниците на социјална помош треба да ја обноват документацијата за да го задржат правото да добиваат парична помош од државата и тоа од понеделник, 12 ноември, до 15 декември.
Документите, со кои се потврдува материјалната и бројната состојба на домаќинството, се обновуваат еднаш годишно, а ново е што тоа се прави во еден чекор – во Центрите за социјална работа, место корисниците лично да одат за да соберат документи од неколку институции.
До сега требаше да соберат документи од Агенција за вработување, Фонд за пензиско осигурување, Управава за јавни приходи, Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и Агенција за катастар на недвижен имот.
„Корисниците на социјалната помош треба само да отидат во Центрите за социјална работа каде што се регистрирани и да ја достават на увид важечката лична карта за себе и за останатите полнолетни членови на домаќинството. Ова олеснување е овозможено со воведувањето на новиот софтвер за администрирање на паричните давања од областа на социјалната заштита“, рече на прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Сега, Центрите за социјална работа електронски ќе ги соберат потребните податоци од надлежните институции.
Ристовски ги повика корисниците да ја исполнат својата обврска во наведениот рок зашто во спротивно ќе го загубат правото на социјална помош.
Исто така, потсети да не се прават обиди за изигрување на системот, со криење на материјалната состојба, како обработливи земјишта или дополнителен недвижен имот во други градови, како и да не се вадат локални потврди од подрачните единици на Катастар зашто ќе бидат невалидни, а ќе важат само податоците од институциите на централно ниво
„Системот е толку добро направен така што секој што ќе се обиде ќе биде исклучен од правото на социјална парична помош. Незаконското користење ќе биде сведено на нула, за паричната помош да биде кај оние на кои најмногу им треба“, рече Ристовски.
Министерот информираше дека во изминатите неколку години има континуиран пад на бројот на приматели на социјална парична помош и дека во постојниот софтвер се активни досиеја на 39.000 корисници.
Буџетот за 2013 година предвидува зголемување од 5 отсто на социјалната парична помош.
извор:„Макфакс“