До 15 јуни 2022 трае повикот за кандидати за обука за спасители на отворени води. Обуката која е во рамките на подготовките за претстојната летна сезона ја организира Црвен крст Охрид.
Сите оние млади, хумани луѓе кои успешно ја завршат осумдневната обука за спасител на вода, ќе се стекнат со меѓународно признаен сертификат за спасител на вода и ќе бидат дел од Единицата за безбедност на вода при Црвен крст Охрид која се грижи за безбедност на корисниците на капалиштата на Охридското Езеро, информираат од Црвен крст.
Заинтересираните кандидати треба да се на возраст од 18-35 години (да достават соодветен доказ-лична карта, извод на родени), да знаат да пливаат и да имаат психо-физички предиспозиции за спорт, како и да достават потврда за здравствена способност за обавување спорт и спортски активности, не постара од 6 месеци, издадена од соодветен лекар / здравствена установа.
Под водство на национални инструктори за безбедност на вода обуката ќе се реализира од 20-27 јуни 2022 година.
OhridNews