Како што потенцираат од ФЗОМ, согласно измените на Законот за здравствено осигурување започнувајќи од 01.01.2013 година периодот на важење на договорите е една календарска година и тоа од 1 јануари до 31 декември за тековната година. Договорите со здравствените установи кои вршат: специјалистичко консултативна здравствена заштита, болничка здравствена заштита, издавање на лекови на рецепт на товар на ФЗОМ, согласно Законот за здравствено осигурување се склучуваат еднаш годишно.
Договорите со здравствените установи кои пружаат здравствени услуги во примарна здравствена заштита (општа медицина, гинекологија и општа стоматологија) и изработка и издавање на ортопедски и други помагала, може да се склучуваат и во текот на годината.
Само здравствените установи и правните лица кои ги задоволуваат критериумите предвидени со Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување и соодветните општи акти на Фондот, можат да достават барање за продолжување на договор за 2013 година.
Барањата за продолжување на договор придружени со потребна документација, се доставуваат до 17.09.2012 година и тоа до подрачните служби на Фондот за здравствените установи од примарна здравствена заштита, а за аптеките и здравствените установи од специјалистичко – консултативна и/или болничка здравствена заштита до централната служба на Фондот, во писмена форма и електронска форма.