Правните лица – резиденти на РМ кои остваруваат добивка од вршење на дејност во земјата и странство, како и постојаните деловни единици на странско правно лице кои остваруваат добивка од вршење на дејност на територија на РМ, имаат обврска најдоцна до 28 февруари 2013 година до УЈП да поднесат Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи .

Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи (образец “ДБ“) немаат обврска да поднесат правните лица кои работат согласно Законот за сметководство на непрофитните организации, односно водат сметководство согласно Правилникот за сметководството на непрофитните организации и притоа вкупната вредност на имотот или годишниот приход е помал од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност.

Ако сте мал или микро трговец кој извршува стопанска дејност (освен банкарска, финансиска, осигурителна и дејност од областа на игрите на среќа и забавните игри) и ако во 2012 година, од кој било извор сте оствариле вкупен приход не поголем од 3.000.000 денари на годишно ниво, или пак сте оствариле вкупен приход од 3.000.001 до 6.000.000 денари, а притоа сте се определиле за пресметување и плаќање на „годишен данок на вкупен приход“, имате обврска до 28 февруари 2013 година да поднесете Даночен биланс на вкупен приход, информираат од Управата за јавни приходи.

Ненавременото или неподнесувањето на даночните биланси во законски предвидениот рок – до 28 февруари 2013 година, се смета за прекршок за кој е предвидена глоба од 1000 до 2000 евра во денарска противвредност, како и глоба од 500 до 1000 евра во денарска противредност на одговорното лице во правното лице.

OhridNews