Облачно и студено со врнежи од снег преовладува претпладнево во Охрид. Според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи, снежната поктивка во градот во 7 часот е 22 сантиметри.
Снегот и ниските температури предизвикаа проблеми во сообраќајот, особено на повисоките места. Екипи на јавното комунално претпријатие од вчера постојано се на терен. Со механизација и рачно се чистат критичните делови од градот.
Упатувам јавна благодарност до сите работници на ЈП “Охридски Комуналец” кои во три смени, неуморно работат на терен за чистење на снегот. Со цел да се обезбеди поголема безбедност за учесниците во сообраќајот и за пешаците, ангажирани се над 100 работници со целокупната механизација и расположлива опрема. Исчистени се и проодни се сите фреквентни сообраќајници во централното градско подрачје и периферните населби, како и сите локални патишта кон селата. Интензивно се работи за расчистување на пешачките патеки и јавните површини во градот. – информира градоначалникот Константин Георгиески.
Иако граѓаните имаат обврска да ги расчистат пристапите до своите живеалишта и пред деловните простори, засега нивниот придонес е незначителен.
Инаку, најмногу снег во земјава до утрово наврнало на Попова Шапка – 65 сантиметри, Маврово 38, Крушево 33, Битола 33, Дебар 32, Пожаране 25…
Кон крајот на денот врнежите ќе престанат, а најдолго ќе се задржат на југот од земјава. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Максималната температура насекаде ќе се задржи негативна, во интервал од -8 до -2 степена.
OhridNews