Законските измени вчера на прес конференција ги промовираше премиерот Никола Груевски, кој истакна дека тие ќе ја подобрат бизнис климата и ќе придонесат за градежна експанзија.
За изградба на нова куќа најпрво ќе треба да се обезбеди извод од план заедно со податоци за инфраструктурата кој општината ќе биде задолжена да го достави во рок од пет дена. Потоа, од приватните геодети ќе треба да се обезбедат податоци за сопственоста на земјиштето – имотен лист и геодетски елаборат за парцелата на која се планира градба. Следен чекор е доставување на ревидиран основен проект со потребните елаборати заедно со податоците за земјиштето до општината, по што самата општина во рок од еден ден треба да побара од надлежните институции како што се Дирекцијата за заштита и спасување, ЕВН и комуналните претпријатија, да се изјаснат за доставениот проект во рок од пет дена, а доколку тоа не го направат, се смета дека немаат забелешки и ако поради нивното не изјаснување евентуално произлезат штети истите ќе бидат на товар на субјектот кој не постапил, појасни Груевски.