Ова прашање одекнуваше на сцената во предворјето на црквата Св.Софија, од гласовите на младите актери од организациите на Црвен крст од Охрид, Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар кои, по повод јубилејот 10 години на ВДИШИ ТЕАТАР – Меѓународниот Аматерски Театарски Фестивал, синоќа, заеднички ја изведоа интернационалната театарска претстава „БАЛКАНДРОМ“.
На многу сликовит и креативен начин, младите талентирани волонтери-актери вешто го пренесоа дејствието на театарската претстава кое се одвиваше во измислениот град Балканград, на аеродромот Балкандром, прикажувајќи ја болната и мачна реалност од секојдневието на жителите во балканските земји – уништени вредности, изгубени перспективи, иселување и внатрешна борба помеѓу останувањето и заминувањето од сопствената земја.
Иако говореа на различни јазици, болните, искрени лични приказни и искуства на актерите со обезбедени еднонасочни билети за европските држави, раскажани во чекалната на Балкандром, ја прикажаа балканската реалност на младите соочени со неправда, очај и огорченост поради што голем дел од нив заминуваат во потрага по подобар живот, постојано прашувајќи „ДО КОГА ВАКА?“.
Посветените волонтери од организациите на Црвен крст Охрид, Суботица, Ужице, Крагуевац и Бар, работеа под водство на Весна Терзиоска, Јованка Сион-Доленц, Емилија Блажеска и Даниел Наумоски кои го креираа текстот, сценариото и режијата, музиката, костимографијата и сценографијата и ги координираа подготовките на 24 млади актери-волонтери на Црвен крст од трите држави.
Во текот на изминатата деценија, на Меѓународниот Аматерски Театарски Фестивал Вдиши театар, продефилираа повеќе од 100 охридски младинци-волонтери-актери на Црвен крст, а заедно со нив и тројно повеќе учесници од Суботица, Крагуевац, Ужице, Бар и Требиње, заедно создавајќи простор за дијалог, толеранција и разбирање, дружење и љубов, верба и надеж.
На сите нив им беа доделени признанија-статуетки “ВДИШИ ТЕАТАР” во знак на сеќавање и благодарност за нивниот придонес во подигање на нивото на театарската култура во регионот.
Посебно признание Црвен крст Охрид додели на Јованка Сион-Доленц за нејзината посветеност и ангажман во реализацијата на Меѓународниот Аматерски Театарски Фестивал ВДИШИ ТЕАТАР. Благодарници добија и општина Охрид, Дебарско Кичевската епархија, Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца, како и организациите на Црвен крст Битола, Црвен крст Кичево, Црвен крст Крива Паланка, Мега продукција, ОСУ Св.Климент Охридски-Гимназија Охрид, ОЕМУЦ Св.Наум Охридски Охрид, ансамбал Билјана, Културно-уметничкото друштво „ЃЕРДАН ОД БИСЕРИ“, за помош и поддршка во реализација на фестивалот.
Интернационалната театарска претстава „БАЛКАНДРОМ“ во текот на наредниот период ќе биде изведена и пред публиката во Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар.
Радосни сме што можеме да констатираме дека Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во своето 10 годишно прикажување ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според интересот, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор, велат од Црвен крст Охрид.
OhridNews