Драг мој пријателу Маневски,

Тешко е, во грч и болка да пишувам за тебе. И со скршено срце, претешко е сега, кога во неверување се соочувам со суровоста за твоето заминување.

Го враќам „ филмот„ назад, драг Никола. Се секавам на секоја наша средба, на секоја заедничка минута, на секое испиено кафе, на секој збор, шега, пофалба и совет.  Се сеќавам на се Никола, дури од времето на Радио Охрид.Од она време кога ти го подадов мојот прв текст очекувајки го твоето „ДА„ за објавување.

Ти, драг пријателу Манески, едноставно бликаше со ведрина зборувајки ми сиве овие години за волшебството наречено Новинарство. Сиве овие години на пријателство, зборувајќи ми за колегијалноста, не ја сокри желбата да   разбереш, сфатиш и помогнеш. Тоа, пријателу Маневски, заедно со доблеста да го пренесеш  твоето знаење  и стремеж кон  професионалноста, беше твојата големина.

Бескрајно уживав, кога низ чаршијата „патувавме„ кон нашето заедничко кафе. Бев побогат за уште една пријатна средба, ново доживување и бесценети муабе- ти со тебе. Секогаш те прашував-кога ќе се видиме повторно?

Денес, Никола, ти ја искажувам  почитта  за се, што ти,  стори за мене. За целата твоја човечност и подршка низ сите невремиња, за огромното разбирање во годините што изминаа, за мудрите совети, за несебичноста во желбата да бидиш секогаш тука  и да помогнеш.

Маневски, пријателу драг, ти благодарам за тоа. Ти беше единствен и ќе ми фалиш во мојот живот – тоа е чувството што ќе ме прати понатака и ке ме притиска.

Останувам  без тебе, драг мој пријателу. Во мојот компјутер и мобилен, останаа неколку твои пораки. Тие ќе ми бидат поддршка и патоказ за понатаму. Тие ќе ми бидат:  ведрината и енергијата што само ТИ ја имаше.

А,  ти, Никола, драг мој пријателу Маневски, никогаш нема да исчезнеш од моите мисли и мојата душа.

Ти искажувам бескрајна почит и благодарност.

Стефан Димоски