Коктел „Еден“, специјално креиран автентичен пијалак кој минатата година ја збогати туристичката понуда на Охрид и оригинален Охридски бисер добија туристите од Црна Гора кои денеска го посетија Музејот на вода во Градиште во рамки на организираниот престој во Охрид по повод 8-ми Март. Оваа убава традиција која започна пред пет години успешно ја негуваат Михајло Филев чие семејство со децении изработува преубави охридски бисери според таен рецепт кој се пренесува од генерација на генерација и туристичкиот водич Љупчо Јузмески.

-Оаа година направивме посебно изненадување за туристите кои покрај традиционалниот Охридски бисер, ќе го вкусат и новиот коктел „Еден“ изработен од туристичкиот кластер Охрид и семејството Филеви кое направи специјална украсна мешалка со бисер која туристите ја добиваат како сувенир, кој на гостите ќе им буди убави спомени на Охрид и културата на Република Македонија.-изјави Михајло Филев.

Според туристичкиот водич Љупчо Јузмески со промоција на автентични вредности на инвентивен начин се раскажува приказната за Охрид. Најавите се дека сместувачките капацитетите на Охрид за 8-ми Март ќе бидат исполнети над 70 проценти, а за 1-ви Мај и Велигден кои годинава паѓаат во ист ден се уште подобри, што влева оптимизам дека претстојната сезона ќе биде исклучително успешна.

-За 8-ми Март најбројни ќе бидат гостите од околните земји, а за велигденските празници и Први Мај, покрај нив очекуваме гости од цела Европа.-додаде водичот Љупчо Јузмески.

Црногорските туристи беа одушевени од охридската гостопримливост. Традиционално и оваа година една припадничка на понежниот пол беше пријатно изненадена бидејќи го пронајде бисерниот ѓердан кој беше сокриен во една од колибите на наколното живеалиште во Заливот на коските.

-Не очекував вакво нешто. Дојдов на излет во Охрид, а ќе се вратам со прекрасен Охридски бисер. – изјави Далиела Влаховиќ од Подгорица.

Гостите од Црна Гора во Охрид престојуваат во организација на туристичката агенција „Ин травел“ од Подгорица, која реализира најмалку по една тура месечно за Охрид.

-Во нардниот период на сите поголеми празници ќе доаѓаме во Охрид. Вие сте одлични домаќини, а ние добри гости, такашто тоа е одлична соработка. – рече Стојан Јовановиќ од агенцијата „Ин травел“

Г.М.