Фудбалерите на Охрид, подготовките во пеколен ритам ќе ги започнат од утре (понеделник), иако официјално стартуваа во средата на „главниот“ терен на СРЦ „Билјанини Извори“. „Рибарите“ во текот на подготвителниот период ќе одиграат повеќе контролни натпревари.

Ќе почнеме со физичкиот дел, а потоа ќе уфрлуваме други сегменти. Имаме доста време да го исполниме планот и максимално да го подготвиме составот за второлигашките предизвици. Контролните тестови ќе ги стартуваме со Караорман, а ќе играме со Струга Трим Лум, Пелистер, Тиквеш, Кораб и уште неколку други екипи. – изјави стратег на охриѓани, Драган Бочески.

Капитенот Ромео Кочоски изјави дека атмосферата во екипата на почетокот е добра и фудбалерите знаат што ги очекува во претстојната сезона во Втората лига.

Сите фудбалери сме подготвени за максимална работа и добри подготовки. Желни сме за тренинг и фудбал, затоа со нетрпение ги чекаме контролните мечеви, а потоа и првенствените. Екипата има искуство плус од минатата сезона и едноставно не смееме да ги повториме грешките. Не треба Охрид да стравува за опстанокот во Втората лига, туку тој да биде сигурен. – рече Кочоски.

Новата сезона во Втората МФЛ-запад ќе стартува на 22 август.

OhridNews