На странските туристи треба да им се понуди нешто ново, поразлично од она што имале можност да го видат и доживеат во други туристички центри, потенцираат учесниците на работилницата  „Идентификување на потенцијалните туристички продукти во општините Вевчани, Дебарца, Охрид и Струга“.


Во Охрид со враќањето на странските  туристи, постепено  дојде до возобновување на одредени алтернативни понуди како што се турите со магариња . Доколку на тоа се додаде традиционалната храна која се подготвува, специфичниот амбиент, сето тоа е импресивно за странските  туристи, кои кога доаѓаат овде очекуваат да видат нешто поразлично од другите дестинации,  вели Лазе Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија.


Како што потенцираат  туристичките работници, за да може да се оди напред и развива туризмот, неопходно е прво да се решат проблемите кои години наназад се провлекуваат.

–    Овој регион има голем потенцијал за развој на алтернативниот туризам и се надевам дека во рамки на започнатиот проект  ќе произлезат нови идеи кои во иднина ќе се реализираат. Но, за да можеме да зборуваме за било каков развој на туризам  мора да дојде до решавање на проблемите како што се комуналната хигиена, недостатокот од патокази, паркинг простор, како и проблемот со немањето на јавни тоалети. Ова се проблеми кои постојано се кажувале , но никако да се решат, вели  Перо Јакимов од охридската туристичка агенција „Генералтурист 2000“.


Доказ за тоа дека ако се работи организирано и се понуди интересен производ ќе се привлече вниманието на домашните и странски гости е Вевчани. Според градоначалникот Цветомир  Угриноски, привлечноста за гостите не е само природата и гостопримството, туку новите идеи и интересната понуда.

–    Во Вевчани има убава природа, се подготвува традиционална храна, луѓето се гостопримливи, но наша тенденција е постојано да внесуваме новини во туристичката понуда.Изготвен е проект за изградба на видиковец, тениските терени се подготвени, отворен е и клуб за јавање коњи, а имаме визија и за развој на зимски туризам. Како што и беше потенцирано на работилницата, на туристите мора да им се понуди интересен производ, вели градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски.  

 

 
Денешната работилница е почетна активност  од прекуграничниот проект „Кон алтернативен туризам“, кој е во организација на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), а се спроведува во партнерство со организацијата „Партнерс“ од Албанија и со поддршка од Локалната агенција за развој- Струга.

Проектот, кој се реализира во општините Охрид, Дебрца, Вевчани и Струга,  како и во Поградец и Корча, финансиски е поддржан од Европската унија.

Т. Кувенџиска