Доброволното противпожарно друштво „Ентузаијаст“ кое делува на териротиите на општините Охрид и Дебрца, доби вредна донација од австриската покраина Тирол. Возниот парк на друштвото од денеска е побогат за едно специјализирано возило за гасење пожар, комплетно опремено, како и друга опрема, со што се зголемуваат капацитетите на друштвото за дејствување.
Оваа донација е дел од успешната приказна што се изроди во соработка со Професионалната противпожарна единица од Охрид и формирањето на Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ кое дејствува во Охрид и Дебрца. Тоа воспостави соработка со волонтерски противпожарни друштва од покраината Тирол, Република Австрија, која освен размена на искуства и доопремување има за цел да ја подигне свеста за волонтеризмот во справувањето со пожарите, истакна по завршувањето на церемонијата градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, изразувајќи благодарност за донацијата.
Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ доби свои простории во некогашната касарна во Охрид кои треба да се подобрат и соодветно опремат, со што Охрид ќе добие поддршка плус во ситуации кога треба да се интервенира при пожари. Додаде дека градот Охрид работи на подобрување на своите капацитети за справување со пожари и се разработуваат сценарија.
Имавме неколку состаноци на кои се разгледуваа одредени критични точки на територијата на општината, со акцент на шумите и планините каде е планирано да се постават цистерни со вода која ќе се користи во вонредни ситуации, истакна Пецаков, додавајќи дека Охрид оваа сезона значително е поподготвен за справување со вонредни ситуации.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој исто така упати благодарност за донацијата со која освен Охрид, опфатени се и доброволни противпожарни друштва во Куманово и Тетово.
Тој посочи дека се работи на изготвување законско решение за доброволните противпожарни друштва по примерот на Австрија со што тие би добивале финансиска поддршка од државата за да можат успешно да ја извршуваат својата мисија.
Изминатиот период се работеше со единиците на локалната самоуправа, ДЗС и ЦУК на зајакнување на капацитетите пред летната сезона со цел да одговориме на предизвиците со пожарите во што многу ќе ни помогнат доброволните друштва. Но здрав институционален одговор не може да се подготви за 6 месеци или година, работиме на тоа и ќе бидеме поподготвени во споредба со минатото, рече Тошковски.
Донацијата на Тирол за доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ ја предаде амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Мартин Памер.
Тој истакна дека од исклучителна важност е да се подобрат капацитетите на доброволните противпоижарни друштва во земјава во што Австрија е подготвена да помогне.
Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи успешно и во иднина. Во Австрија воспоставен е систем на доброволни противпожарни друштва кои добиваат помош од државата, ние сме во подобра ситуација од вас, но заедно мораме да се движиме кон подобра иднина, рече амбасадорот Памер.
Петер Логард од Тирол, проект менаџер на донацијата за македонските доброволни противпожарни друштва, истакна дека целта е да и се помогне на земјава во справувањето со пожарите.
Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ доби вредна донација од австриската покраина Тирол
Имаме големо искуство стекнато насекаде низ светот и подготвени сме да им го пренесеме на доброволните пожарникари во овие три општини во Македонија и да им помогнеме да добијат опрема со што ќе може поуспешно да се справуваат со пожарите, додаде Логард.
Г.М.
Фото: А. Момирска