Доцни исплатата на ноемвриската плата за вработените во ООУ „Дебрца“ во село Белчишта. Вработените во допис до нашиот медиум реагираат дека сериозен проблем е што три месеци немаат земено навреме плата, па упатуваат прашања кој е виновен и кој треба да сноси одговорност?

Додека сите се подготвуваат за новогодишните и божиќните празници, вработените од ООУ „Дебрца“ сеуште ја немаат земено ноемвриската плата. Ај да беше ова прв пат па и да се прогледаше низ прсти, но оваа ситуација веќе подолго време се провлекува, велат.

Воедно бараат одговор и од директорката на училиштето и од градоначланикот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески за оваа ситуација.

Градоначалникот Ногачески вели дека од негова страна одобрението за исплата на плата е потпишано на почеток на декември.

Подоцна се утврдило дека при распределбата на средствата имаат направено некоја грешка, им недостасувале средства, а ребалансот е поминат уште во ноември на Седница на Совет. Не дека нема пари на сметка, но на самото контото изгледа недостасувала мала сум на пари за да помине платата. А од моја страна како што беше доставена пресметката беше потпишана. Не е помината платата поради пропуст на самата училишна администрација, вели Ногачески.

Директорката на училиштето, Билјана Славевска потврди дека платата доцни, но и дека истата ќе биде исплатена утре.

Веќе се префрлени парите на сметката и колегите утре ќе добијат плата. Овој пат проблемите беа во плановите кои не беа вчитани на време, а претходно имавме проблеми административни со новиот секретар. Недостасуваа средства и затоа во финасии во Скопје не се согласуваа плановите и заради тој недостаток на средства настана проблемот. Се надевам дека нема повторно да се случи истото, додаде Славевска.

Н.С.Ј.