Македонија ја има најлошата автопатска инфраструктура на коридотот 10 и 8, кој речиси и да не е започнат да се гради. Амбициозно најавуваните државни пректи за автопатско поврзување на земјата се исполнети со контроверзи, скандали и промашувања кои неколкукратно ја зголемуваат цената на чинење на капиталните проекти. Најеклатантен пример е автопатот Охрид – Кичево. Педесет и шест километри долгата делница требаше да биде пуштена во употреба на 1 февруари оваа година, но рокот е пролонгиран за 2021 година. Причина за тоа се бројните пропусти во трасирањето и изведбата, недостатоци и проблеми со конфигурацијата на теренот, што ќе ја зголеми цената на чинење на ионака скапиот проект, кој до сега надмина половина милион евра, а не е ниту половина завршен.

За разлика од кај нас, соседна Србија деновиве се пофали со завршните работи од автопатот на коридорот 10 кој минува низ тежок терен кај Грделичката клисура. Српски „Блиц“ објави видео снимка од завршните работи од последната делница на автопатот која комплетно ќе биде завршена оваа година. На терен се работи деноноќно под рефлектори и во зима, објави „Блиц“.

Дел од истиот коридор 10 се и 27-те километри автопат во Македонија кој минува низ Демиркаписката клисура, кој Македонија не може да го заврши со години, а во кој со средства партиципираше и ЕУ. И оваа делница ја пратат бројни контроверзи. Иако е завршена истата не може да се стави во употреба затоа што среде автопат има далноводи кои треба да се дислоцираат. Поради истиот проблем се пролонгира работата на автопатот Штип – Миладиновци.

За разлика од соседна Србија, каде се работи и преку зимата и тоа под рефлектори, на автопатот Охрид – Кичево се запрени градежните активности. Покрај технички проблеми, изведувачите се соочуваат и со незадоволство од ангажираните работници кои немаат земено плата со месеци, поради што во неколку наврати беа организирани штрајкови.

Г.М.