Бездомни кучиња се шетаат низ охридската чаршија и центарот на градот. Прегладнети и незгрижени овие животни кои едвај преживуваат не претставуваат само лоша слика, туку и опасност за луѓето. Малолетно дете вчера за малку ќе беше нападнато откако наивно им се доближи до група кучиња меѓу кои има нестерилизирана женка, што според стручните лица, ги прави исклучително агресивни. За среќа реагираа минувачи, па се заврши добро по детенцето.
Бројот на бездомни кучиња во Охрид значително се зголеми во текот на зимата, а општината се сомнева дека тие се носат од други градови.
-Невозможно е за толку кус период да се размножат по природен пат толку бездомни кучиња поради што претпоставуваме дека се донесени надвор Охрид, но како и да е наша е обврската да го решаваме овој проблем. Ние разговаравме за повеќе модалитети и можност за изградба на стационар по пронципот на јавно приватно партнерство, но и за други начини. – изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Ветувања дека градот ќе добие современ прифатен центар за бездомни животни и шинтерска служба охриѓани слушаат со децении. Во меѓувреме проблемот колку толку се обидуваат да го ублажат волонтерите од здружението за заштита на животни „Анималиа“ кои во импровизиран стационар во Мауцкер без струја, минимум услови и финансиска поддршка, секојдневно се грижат за десетици бездомни кучиња. Но проблем е да се обезбеди траен дом за нив.
-Од мали неколку кучиња имаме згрижено кои се уште не се вдомени, апелираме преку нашата фејсбук страна но не допира тоа до човечките срца. Сепак тоа е единствен начин за да го решиме проблемот со бездомните животни да ги заловиме, вакцинираме и стерилизирани и за да не патат на улица да најдме начин да ги вдомиме. – истакна Климент Арнаудов од здружението за заштита на животни „Анималија“.
Но, според градоначалникот Бакрачески „Анималиа“ не покажала конкретни резултати во водењето на стационарот, како и во справувањето со бездомните животни.
– „Анималиа“ покажа иницијатива, но конкретни чекори во поглед на она за што ние преговаравме пред две години не покажаа. Декларативно во јавноста многу често се покажаа како душегрижници, но на терен се покажа дека нивната грижа е недоволна за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Ние разговаравме со неколку граѓани на Охрид кои ни доставија идеи околу можноста за соработка со правни и физички лица и здруженија на граѓани, на коишто во иднина доколку за нас се покаже како адекватен модел би им ги издале под концесија стационарите кои планираме да ги изградиме. – истакна Бакрачески.
Оваа зима во Охрид се случија неколку напади на кучиња врз луѓе, но и масовни труења на животни, што предизвика жестоки полемики на социјалните мрежи. Тоа ги револтира љубителите на животни, кои изминатиот викенд организираа мирен протест на кој побараа да запре труењето на животни.
-Поставувањето на отрови не е решение, не само што не е хуман и цивилизиран начин, туку и не придонесува за намалување, напротив бројот на бездомни животни бележи зголемување. Со тоа само се доведуваат во опасност не само животните, туку и животите на луѓето. Бараме итно да се извршат измени во законот, затоа што според постоечката регулатива секој може да купи отров од кој жртви можат да станат не само животните туку и луѓето. – изјави Јована Мојсоска, активист во здружението за заштита на животни „Анима ворлд“.
Ништо помал револтот не е ниту кај обичните граѓани, кои со право се загрижени за својата и безбедноста на нивните деца. И граѓаните и здруженијата за заштита на животните одговорноста ја гледаат кај надлежните институции кои не преземаат соодветни мерки за решавање на проблемот со бездомните животни, и покрај што законот ги обврзува на тоа.
Г.М.