На иницијатива на нашата иселеничка Алексaндра Стојаноска и лајонс клубот Лихнидос од Охрид, во соработка со Здружението на Македонците од Гетеборг – Шведска, Македонската православна црква и Фудбалскиот клуб Вардар од Гетеборг,  деновиве е реализирана донација која ќе и го олесни животот на 12-годишната Кристина, лице со посебни потреби од Охрид. Тие неа и подарија специјална ортопедска количка која ќе и служи за полесно да ги совладува школските часови во училиште.

– На малата Кристина и подаруваме ортопедско помагало – количка, што ќе и користи во школувањето во Основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Охрид и ќе и го олесни движењето, истакна д-р Диел Аголи – претседател на лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид. Тој изрази благодарност до нашите иселеници од странство за реализацијата на оваа хуманитарна акција, и најави дека и во иднина лајонс лубот „Лихнидос“ во соработка со други клубови и нашите иселеници во странство ќе работи на реализација на хуманитарни проекти.

Во име на семејството на Кристина благодарност за донацијата искажа мајкатата Љубинка.

-Количката и беше потребна на Кристина за во училиште. Таа сега ќе биде 5-то одделение и полесно ќе ги совладува секојдневните обврски, истакна мајката на Кристина.


Иницијаторот на хуманитарниот проект, младата Александра Стојановска, истакна дека и е исклучително мило што можела да помогне и што средствата отишле на вистинско место. Александра, која е студент, донацијата ја обезбеди преку едукативен проект кој сама го изготвила.

-Се надевам дека и помогнавме на Кристина  и дека ќе и биде подобро, додаде Стојаноска.

На доделувањто на донацијата присуствуваше и д-р Зорица Китрозова, која истакна дека потребите од ортопедски помагала, особено на специјални колички за лицата со посебни потреби се големи. Согласно законот овие лица имаат право на бесплатно помагало еднаш на 4 години, што создава проблем бидејќи дел од нив, особено при поаѓање во училиште, имаат потреба од промена на ортопедското помагало.

Нашите иселеници од Шведска и членовите на лајонс клубот „Лихнидос“ се заложија дека и во иднина заеднички ќе работат, со цел да обезбедат помош за лицата на кои таа им е најпотребна.

OhridNews