Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес од Новаци, најави дека управувањето со отпадот и намалувањето на аерозагадувањето се меѓу врвните приоритети на неговиот мандат. Во таа насока, денес започна реализацијата на регионалниот модел за управување со отпад, со инвестиција од околу 11 милиони евра во опрема за селекција и транспорт.

Проектот ќе опфати над 400.000 граѓани од 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион и е директно поврзан со идниот регионален центар за управување со отпад во Новаци, како и со претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар, изјави Хоџа, додавајќи дека 2026 година ќе биде клучна за поставување на основната инфраструктура.

Министерот Хоџа најави дека во тек е подготовка на јавна постапка за регионалната депонија за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која треба да биде реализирана во рок од шест месеци.

Паралелно, се финализира постапката за депонијата во Полошкиот регион во Русино, а објавен е и јавен повик за депонијата во Свети Николе, која ќе ги опфати Североисточниот и Источниот регион, рече Хоџа.

На настанот во Битола, каде што присуствуваше и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот Хоџа изјави дека со започнувањето на изградбата на три регионални депонии во 2026 година, државата влегува во нова ера на модерно, одржливо и европски усогласено управување со отпад.

Оваа опрема не е само техничко средство. Таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад, како во урбаните, така и во руралните средини. Тоа значи дека секое населено место, секој граѓанин, добива еднаков третман и еднаква грижа од државата. Со оваа инвестиција директно удираме по дивите депонии – по долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад. Наместо хаос, воведуваме ред. Наместо импровизација, градиме систем. Денес е изложен дел од предвидената опрема – возила и контејнери – наменети за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Ова е видлив и практичен доказ за вложувањата што ги правиме: десет камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони од 12 кубни метри, еден кипер-камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги, нагласи претседателот на владата.

Тој додаде дека ова не е изолиран проект, туку дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад – прв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво, усогласен со европските директиви за отпад и депонии.

Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост и долгорочна одржливост. Финансиската конструкција на овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и меѓународните партнери. Обезбедени се средства преку заем, грантови и поддршка кои заедно создаваат силна основа за реализација на еден од најкомплексните еколошки проекти во државата, посочи Мицкоски.

Со возилата, контејнерите и кантите кои Владата преку МЖСПП ги доделува на јавните комунални претпријатија беше посочено дека ќе се олесни и подобри работата на ЈК претпријатија во овие општини.

OhridNews