Градоначалникот Никола Бакрачески денес додели 85 договори за стипендирање талентирани ученици, од кои 40 за основците и 35 за учениците од средните училишта. При тоа беа доделени и 10 студентски стипендии. Како што нагласи градоначалникот Бакрачески, вредноста на доделените училишни стипендии изнесува еден милион и 12.500 денари, а за студентите 162.000 денари, односно вкупно еден милион и 174. 500, што е зголемување од 80% во однос на средствата за оваа намена, определени минатата година.

Се надевам дека денешниот чин на доделување на стипендиите ќе биде мотивирачки за учениците да продолжат вредно да работаат и да градат се повеќе знаења. Можеби доделените средства не се многу високи, но знам дека вистинската вредност пред се е во нашата подадена рака кон оние кои ги добиваат, посебно кога се работи за млади и талентирани наши сограѓани кои знаат дека потрагата по знаењето и посветеното работење и учење е најголемата вистинската и највозвишена вредност, рече градоначалникот Бакрачески.

Учениците изразија задоволство од добиените стипендии, за кои нагласија дека пред се се поттик за постигнување понатамошни успеси.

Доделените стипендии значат финансиска подршка за нашите родители и за нас пристојни средства, но највеќе ни значи подршката од локалната самоуправа за нашите напори кои ги вложуваме за да оствариме поголеми резултати во учењето, вели ученичката Ана Бојаџиева.

Поддршка за ваквата востановена практика на локалната самоуправа изразија и родителите.

Секоја награда добиена јавно е поттик и инспирација. Износот на стипендијата за некого е многу, за некого малку, но за родителот и детето е нешто поголемо. Треба и понатаму да има повеќе вакви награди, смета Анастасија Настеска.

Од локалната самоуправа потенцираат дека и во иднина ќе продолжи ваквата практика- да се поддржуваат талентираните ученици и студенти со цел да се почитува нивната желба за знаење и освојување на нови хоризонти, што е од корист и за пошироката заедница.

Т. К.