На пригодна свеченост која се одржа вчера во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа доделени дипломите на матурантите од гимназијата „Свети Климент Охридски“ од генерацијата 2021 – 2022 година.
Свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој истакна дека голема е честа, на овој прекрасен празник, посветен на нашиот светител и најголем учител Свети Климент Охридски, да се биде на оваа свечена церемонија, за да се прослави титулата на зрелоста и да се отвори нова страница oд животното патување на уште една генерација млади охриѓани.
Изминатите две години не научија да ги негуваме и да им се радуваме на малите, но сепак важни аспекти во животот. Вие сте младина која се соочи и успешно се бори со еден од најголемите предизвици во историјата на човештвото. Сигурен сум дека токму ова искуство ќе ви даде самодоверба, цврсто да чекорите напред и да ја надминувате секоја препрека. Со мојата искрена честитка за вашето матурирање, сакам да ве поттикнам неуморно да ја продолжите потрагата по знаење и да откривате нови и уникатни начини да станете најдобрата верзија од себе си.
Искористете го ентузијазмот што ве опкружува и храбро осварувајте ги сите соништа, порача Пецаков, додавајќи дека од нив очекува успешни професионалци во многу општествени области.
Верувам дека вашите имиња и презимиња ќе остават значаен печат во историјата на нашиот Охрид. Големиот писател Марк Твен рекол „Двата најважни денови во вашиот живот се денот кога сте родени и денот кога ќе сфатите зошто сте родени“. Токму затоа водете се од вашата желба и личното убедување кога ги носите сите одлуки. Нека сè во вашиот живот биде онака како што вие самите посакувате, истакна градоначалникот Пецаков во своето обраќање.
OhridNews













