Со свечена настан кој се одржа вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа доделени дипломите на матурантите од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од генерацијата 2021 – 2022 година.

Во името на Локалната самоупорава пред присутните свое обраќање имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Има низа моменти што остануваат врежани во нашите спомени, кои се вредни за паметење и ни будат силни емоции. Еден од тие моменти за сите вас ќе биде токму оваа свеченост, со која се означува крај на едно и почеток на друго поглавје во вашиот живот. Вие сте генерација која заслужува голема пофалба и признание бидејќи се соочивте и се изборивте со еден голем предизвик, но и покрај сите новини во наставата, вие успеавате да останете одговорни и примерни ученици, рече Китески.

Секогаш, додаде Китески, настојувајте да научите уште многу повеќе, продолжете да бидете гордост на вашите родители, на вашите семејства и на целото општество.

Но каде и да бидете, што и да достигнете во иднина, чувајте ги спомените од училиштето и негувајте ги другарствата кои ги имате стекнато тука, бидете полни со хуманост и секогаш споделувајте добрина. Би сакал да упатам благодарност до наставниот кадар за целокупниот ангажман и за тоа што ги подготвивте матурантите, самоуверено да зачекорат кон високото образование, идните професионални ангажмани и новите работни места, рече Китески.

Додаде дека оваа година покрај стандардните технички профили, по кои е препознатлив ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ за прв пат има дипломирани матуранти од новиот образовен профил „индустриска мехатроника“.

Овој смер е базиран на германскиот модел на дуално стручно образование, при што посебен акцент беше ставен на практичната обука која се спроведувше во компаниите Костал, ЛТХ Леарница и ОДВ-Електрик. Ваквиот модел на соработка е од исклучително значење за создавање на подобри услови за практична настава во техничките струки, но и за креирање на квалификуван кадар кој ќе може да одговори на потребите за стручна работна сила кои ги имаат компаниите, истакна Китески.

Општина Охрид во континуитет е посветена на образованието, а низа значајни инвестиции беа реализирани токму во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ со што значително ги подобривме условите за настава, а се надевам дека со ова темпо ќе продолжиме и во иднина и дека ќе може да се пофалиме со уште многу успешни генерации од потребните технички струки додаде Китески во своето обраќање.

OhridNews