На пригодна свеченост доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2024/2025 година при ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Во изминативе четири години, вие не само што се здобивте со знаење, туку и со реални вештини, благодарение на дуалното образование — модел кој го трансформира воспитно-образовниот процес во нешто живо, применливо и блиско до реалноста. Преку директна соработка со компаниите, вие учевте од професионалци, работевте на реални задачи и се изградивте како личности подготвени веднаш да се вклучите во производниот процес, рече директорот Сашо Недески.

ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, посочи, со гордост го прифати предизвикот да биде дел од оваа модерна еволуција во образованието.

Нашиот Центар стана пример за тоа како училиштето и стопанството можат заеднички да создадат генерации кои не само што знаат — туку умеат. И токму вие, матуранти од генерацијата 2024/25, сте доказ за тоа. Горд сум на секој професор, на целиот колектив, на нашите партнери од компаниите кои ви ги отворија вратите и срцата, заедно да изградиме мост кон вашата кариера. И сега, кога тој мост е зад вас, пред вас е патот — долг, понекогаш стрмен, но исполнет со предизвици, истакна Недески.

Додаде дека пред нив е иднината и можностите, па мудро и паметно треба да ги искористта сите шанси.

Докажете се во вашата струка и дајте го максимумот. Со успех ги положивте матурските испити со што се стекнавте со дипломи за завршено средно стручно образование што ми причинува посебно задоволство и упатувам искрени честитки за постигнатиот успех. Онаму каде што се постигнува успех, значи дека сите ние во изминативе четири години сме вложувале во вашата професионална наобразба, сме ве ангажирале и сме ве поттикнувале за исполнување на задачите и активностите за денес да станете возрасни луѓе кои се подготвени да запловат во својата кариера, додаде Недески.

OhridNews