Државните награди „Св. Климент Охридски“ за 2022 година за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност во земјава денеска им беа врачени на универзитетскиот професор д-р Африм Османи, писателот и академик Влада Урошевиќ и ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ и кардиохирургот проф.д-р Сашко Јовев.
Во областа на воспитанието и образованието годинава наградата ја доби универзитетскиот професор д-р Африм Османи, наградата за остварување во областа на културата и уметноста им припадна на писателот и академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството на кардиохирургот професор д-р Сашко Јовев.
Наградите на добитниците им ги врачи академик Газанфер Бајрам, претседател на Одборот за доделување на наградата, кој потенцира дека оваа награда претставува бесценет камен во круната на признанија што се доделуваат кај нас.
Годишниве добитници покажуваат дека македонското образование, уметност и здравство имаат луѓе чии достигнувања можат да се гледаат и во светски стандарди, рече Бајрам.
Во име на добитниците се обрати академикот и писател Урошевиќ, кој изрази надеж дека зближувањето, заемната доверба и искажувањето добра волја да се разбере другиот ја покажуваат и допрва ќе ја докажат својата длабока оправданост и целисходност и дека ќе се реализираат низ резултати што ќе им донесат благостостојба.
Секој од нас бил и се уште е корисен член на нашето општество и секој со дејноста во својата област го дал својот удел во неговиот развој. Значајно е дека низ активностите остварени во рамки на своите професии сме дале докази за нашата подготвеност да ги надминеме етничките, верските и политичките разлики и да го насочиме својот труд или својата креативност кон заедничките цели, истакна Урошевиќ.
Без двоумење, како што рече, секој од нас како граѓанин на Северна Македонија, при својата дејност покажувал и докажувал дека пред себе ги има целите што не обединуваат, ставајќи ги на втор план разликите што можат да не делат.
Ако секој граѓанин на оваа наша заедничка држава ги исполнува на најдобар можен начин задачите што се поставуваат пред него, во рамки на одбраната професијата, и притоа да ја има пред себе си како цел користа на целокупната наша државна заедница, а не само на некои нејзини делови, тоа ќе му донесе резултат, не само нему, како на поединец, туку и на колективот, сфатен во најширока смисла, порача Урошевиќ.
OhridNews