150 социјално загрозени семејства од Охрид добија хуманитарни пакети кои беа подготвени со собрани прехранбени производи во текот на Неделата за борба против гладта, што се одржа од 16 до 22 октомври.

Попладнево градоначалникот Никола Бакрачески им додели хуманитарни пакети на дел од евидентираните семејства, кои од своја страна изразија голема благодарност за добиената помош.

– Локалната самоуправа продолжува и понатаму со помош на оваа категорија граѓани, но не само со доделување хуманитарни пакети. Се надевам дека во иднина ќе создадеме услови овие семејства да дојдат до одредени приходи од кои ќе можат сами да се издржуваат.Наша основна цел за справување со сиромаштијата во Охрид е да го подигнеме локалниот економски раст на општината и да овозможиме креирање на нови работни места кои се основа за подигање на стандардот на жителите, изјави градоначалникот Бакрачески.

Како што потенцира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков, годинешната акција е една од најуспешно реализираните.
 
– Дел од подготвените пакети ќе бидат доделени и до здруженијата на лица со пречки во развојот Зраци, здружението Добротољубие, здружението за церебрална парализа, здружението на лица со попречен вид и слух.Морам да истакнам дека соработката со локалната самоуправа во делот на социјалата е навистина на високо ниво.Продолжуваме и понатаму со хуманитарните активности, при што во недала, во Центарот за култура ќе биде одржан концерт за собирање на средства за помош на слепите и глуви лица, на кој концерт ќе присуствува кантавтор од Хрватска, изјави Точков.

Во рамки на кампањата во училиштата во Охрид беа собрани уште 300 хуманитарни пакети кои им беа доделени на ученици кои потекнуваат од социјално загрозени семејства.

Т.К.