Заменик градоначалникот Ангел Јанев и претседателот на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Стефан Димоски, денеска им ги врачија наградите на најдобрите во натпреварите што се одржаа во рамките на сообраќајно воспитната манифестација „Детски семафор“. Целта на манифестација, како што беше речено на денешната свеченост е едукација и издигнување на сообраќајно-техничката култура кај младите, запознавање со сообраќајните правила и прописи и подобрување на безбедноста на сообраќајот.

За освоено прво место во машка конкуренција на Петар Вељаноски од ОУ „Кочо Рацин“ му беше врачено признание и велосипед, за второ место на Горазд Томчов од ОУ „Григор Прличев“  и на Мартин Димитриески од ОУ „Кочо Рацин“ за освоено  трето место им беа врачени признанија  и велосипедски кациги.

Во женска конкуренција за освоено прво место на Марија Јолеска од ОУ „Кочо Рацин“ и беше врачено признание и велосипед, за второ место на Каролина Ѓореска  ОУ „Кочо Рацин“ и на Јана Петреска од ОУ „Григор Прличев“ за освоено трето место им беа врачени признанија  и велосипедски кациги.

Општинскиот натпревар „Детски семафор 2016“ се одржа на 04.05.2016 година во Основното училиште „Григор Прличев“. Натпреварот се реализира во два дела: теоретски дел кој опфаќа полагање сообраќајни тестови  и практичен дел- вешто возење на велосипед. Манифестацијата ја организира Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Локалната самоуправа, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и општинските основни училишта.

OhridNews