На мала свеченост што денеска се одржа во ресторанот „Св. Софија“, редакцијата на „OhridNews“ ги додели признанијата на личностите за 2012 година во Охрид на познатиот водител Жанко З’ш Голабоски и пожарникарот Ацо Тасески.


-Сите номинирани во изборот за личност на годината на свој начин, со својата работа и дела оставија белег во годината што измина и претставуваат пример за професионализам во своите дејности. Нам ни беше исклучително тешко да го направиме изборот, во што помогнаа илјадниците гласови од читателите, истакна главниот и одговорен уредник на „OhridNews“, Горан Момироски, на доделувањето на признанијата.


Признанието „Личност на годината во Охрид за 2012 година“, според гласовите на читателите на „OhridNews“ заврши во рацете на познатиот охридски водител Жанко З’ш Голабоски. Тој од неодамна е косопственик на Гинисов рекорд за најдолг радио маратон, поддржувач е на хуманитарните, спортските и културните проекти во градот. Од есенва тој е заштитно лице на „Наша тв“. Основач е на велосипедистиочкиот клуб „З’ш Точак“ кој минатата година редеше успеси на државните првенства.

-Ова признание ми е особено драго, што ете охриѓани одлучија заедно со Тасески да бидеме личности на годината. Сметам дека сите десет номинирани го заслужуваат ова признание биејќи секој на свој начин придонел за Охрид, рече Голабоски.


Храбриот охридски пожарникар Ацо Тасески е „Личност на годината во Охрид за 2012 година“ во изборот на редакцијата на „OhridNews“. Тој не се штедеше себе си при бројните интервенции. Спасуваше човечки животи и домови на охриѓани зафатени од огнена стихија.

-За мене конкретно ова признание претставува голема сатисфакција и немам зборови со кои би ги опишал моите чувства и сакам најискрено да им се заблагодарам на сите за дадената поддршка, истакна пожарникарот Ацо Тасески.


Изборот на Личност на годината во орханизација на најпосетуваниот интернет медиум во поширокиот регион, „OhridNews“, во иднина ќе стане традиција, со цел да се истакнат позитивните примери во локалната заедница.

OhridNews
фото:Емилио