На пригодна свеченост што се одржа во општинската зграда, денес на 15 охриѓани им беа доделени сертификати за завршени бесплатни обуки со кои можат да аплицираат на пазарот на труд и најдат вработување. Станува збор за обуки финансирани од страна на локалната самоуправа, преку програмата на Секторот за локален економски развој од 2015 година, по претходно извршени анкетни истражувања во охридското стопанство со кои биле дефинирани неколку профили на струки, издвоени како дефицитарни.
– Тоа се струки за кои самите работодавачи изразија интерес за вработување, а од друга страна не можат истите кадри да ги најдат на пазарот на труд. Врз основ на овие истражувања ние извршивме анализа и издвоивме четири струки- машинисти, заварувачи, готвачи и шивачи. Обуките за готвачи беа реализирани со помош на ФТУ, а другите обуки беа во рамки на работничкиот универзитет „ Кузман Шапкарев“. Сметам дека со оваа активност, луѓето кои ги посетуваа овие обуки се стекнаа со одредено ниво на вештини и знаења кои ќе ги искористат во наредниот период. Наредната недела ќе организираме средби со сите оние стопански субјекти кои што учествуваа во нашите истражувања и изразија подготвеност и потреба од ваков профил на лица. Со овие сертификати и здобиеното знаење од обуките, граѓаните ќе имаат можност да преговараат со самите работодавачи и да им ги понудат своите знаења, се надевам дека дел од нив ќе најдат и постојано вработување, вели раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.
Апостолов нагласува дека и во програмата за 2016 се предвидени средства за организирање на нова серија на обуки кои ќе се базираат на одредени истражувања.
Т.К.