Го чествуваме светителот, творецот, учителот, епископот, патронот кој животот го посветил на творбата, на обичниот човек, на описменувањето, богослужбата и богољубието во симбиоза. Колку неговите погледи биле далекусежни, колку неговата мисија била, e и ќе биде надвременска можеме да слушнеме, прочитаме, почувствуваме насекаде околу нас“ ова го истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на Свечената академија во чест на Свети Климент Охридски, која се одржа вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Епископот кој никогаш не бил виден да се одмора, додека низ од него создадениот универзитет се раѓале неговите наследници, на полињата на возрасните ги подучувал на калемење овошки, на сточарство, риболов и на се она што значи живеење во духот на Бога и чување на бисерите на Светиот Дух: љубов, спокој, добрина, толерантност, кротост, милосрдие, воздржаност, вера и радост. Ни даде толку многу што не задолжи со генерации и генерации на вечно следење, поклонение, чување на неговото, нашето Свето писмо, Библија, збор, работа над мрзоволието, живот по заповедта на Севишниот, се до поклонението пред неговите свети мошти и понесување на духот на патронот низ нашиот сопствен животен пат, рече Бакрачески во своето обраќање пред присутните.

Беседа за великото дело на светецот одржа проф. д-р Кирил Темков.

-Трогателна е љубовта на Свети Климент за Охрид, во овој град тој се трудел да воспостави божји благослов, а денес народот знае и чуствува дека тој го заштитува Охрид како верска и граѓанска заедница. Свети Климент е првиот најдобар етичар во нашата култура, има напишано неколку првокласни филозовско-теолошки расправи за целите на Бога, за размислата на Христовото дејствување, за идејата на човековиот престој на земјата и за влијанијата на човековото однесување врз својата соствена судбина. Секој од неговите сочувани текстови има морална нишка, а некои од нив се првокласни етички расправи актуелни и до ден денес, рече Темков.

Во рамки на свечената академија беше доделено и највисокото општинско признание-наградата Св. Климент Охридски патрон на Охрид на Црвениот крст од Охрид. Наградата ја прими претседателот на општинската организација Сашо Точков.

-Наградата патрон на Охрид, ни е доделена токму во годината кога Црвен Крст Охрид го одбележува својот 70 годишен јубилеј. Доделувањето на оваа награда на нашата организација потенцирано со фактот што не сме аплицирале и не бевме информирани дека сме кандидати за оваа награда, ние во Црвениот Крст го доживеавме како пријатно изненедување, како признание и потврда за ангажманот, посветеноста, работата на илјадници имени и безимени хуманисти, волонтери, членови и активисти, вработени, луѓе кои го посветиле своето време, своето внимание на организацијата, за помош на оние на кои помошта им е најпотребна, рече Точков. Тој изрази особена благодарност и почит кон сите оние кои го препознале Црвениот крст во делот на највозвишеното чувство на човекот-хуманоста.

Свеченоста за одбележување на општинскиот празник, беше збогатена со концерт најреномираната македонска етно група „Синтезис“ која со своите изведби ги воодушеви присутните.

Е.М