Договорот што го постигнаа Владата и Здружението на новинари на Македонија за декриминализација на крививичното дело клевета и навреда, наместо слобода на говорот и одговорно изразување, ќе поттикне самоцензура кај медиумите, сметаат охридските медиумски работници.

OhridNews контактираше актуелни и поранешни новинари и релевантни информативни куќи во градот, кои не го кријат „изненадувањето“ од содржината на постигнатиот договор, кој ЗНМ го донесе во преговори со Владата за кои пошироката медиумска заедница, па и регионалните канцеларии на еснафот не беа информирани во детаљи. Како што е познато Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Владата вчера постигнаа договор за декриминализација на клеветата на навредата и за висината на надоместокот за нематеријална штета. Договорено е висината на надоместокот за нематеријална штета да изнесува 2.000 евра за новинарот, 10.000 евра за главниот и одговорен уредник и 15.000 евра за сопственикот на медиумот.

„Законот е поставен казните да бидат на крај. Воспоставен е систем кој му дава можност на новинарот да ја докаже вистината на напишаното, ако во тоа не успее, да се извини, а има инструмент да се објави и демант. Крајна мерка ќе биде изрекување мерка надомест за нематеријална штета“, изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Но, оптимизмот на Селмани не го делат охридските медиумските работници.

Информативната редакција на Тв М смета дека Здружението на новинари на Македонија со постигнатиот договор со Владата за висината на казните за клевета и навреда направи само мал чекор кон поголема слобода на медиумите, што, како што велат од телевизијата, за жал е слобода на медиумите само на хартија.

-Инструментите за притисок врз медиумите не се одземени или отстранети, туку можеби е само поместено тежиштето на проблемот кој сега оди во насока на самоцензура . Освен политичарите и разни бизнис елити, сега и газдите на медиумите влегуваат во зоната на цензурата, велат од Тв М.

Според телевизијата за професионалните новинари, кои и досега си ја вршеа работата според етичките норми, кои и досега ги проверуваа информациите од повеќе независни извори, ваквата „декриминализација“ не носи битни промени.

– А и за оние останатите, кои и досега шпекулативно и сензационалистички настапуваа и беа под закрилата на одредени политички или бизнис кругови, не се смена нешто битно. И понатаму ќе можат да продолжат со таквиот начин на работа, бидејќи оној што стои зад нив и во чиј интерес е текстот/прилогот, без никаков проблем ќе може да си дозволи да му ја плати и казната од 2000 евра на новинарот, истакнуваат од Тв М.

Како сериозен проблем од телевизијата го посочуваат и непочитувањето на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, посочувајќи дека колку е некој повисоко во хиерархијата толку повеќе не го почитува овој закон и поминува неказнет за тоа, па токму затоа ваквата декриминализација само ќе ја засили автоцензурата.

Дописничката на Канал 5 телевизија од Охрид, Соња Рилкоска, смета дека постогнатиот договор има и лоши и добри страни.

-Декриминализацијата  на клеветата и навредата би требало  да придонесе за подобрување на судската пракса, но сметам дека паричните казни сепак останаа превисоки. Позитивно е што нема  затвор за новинарите  и што има и други инструменти како извинување и демант со кои  се прекинува судската постапка, изјави Рилкоска.

Според Симон Илиески,  долгогодишен новинар и поранешен претседател на Регионалната канцеларија на ЗНМ во Охрид, постигнатиот договор за декриминализација на клеветата и навредата не го решава проблемот, туку го заострува.

-Договорот ги меша сопственичкиот однос со уредувачката политика и новинарите, создава страв кој ќе ја  поттикне самоцензура. Треба да се вратиме кон новинарските принципи кои важат во Европа, а тоа е дека тој што го потпишува текстот одговара според легалните закони за напишаното, односно новинарот доколку тој стои зад текстот, или главниот уредник доколку зад сторијата стои редакцијата, вели Илиески.

И актуелниот претседател на Регионалното здружение на новинарите во Охрид, Горан Момироски, воедно главен и одговорен уредник на OhridNews, смета дека договорот за декриминализација ќе ја зголеми автоцензурата во медиумите.

-Високите казни за надомест на нематеријална штета неминовно ќе ја активираат самоцензурата кај новинарите, која и така ја има поради нерешени суштински прашања во медиумска сфера и економската и политичка зависност на медиумите. Одговорните медиуми сега ќе бидат под силен притисок на политиката и бизнис заедницата кои секогаш сакаат да стават рака над нив. Од друга страна неодговорните медиуми заради агендата која ја одработуваат и натаму се штитат, што предизвикува општа конфузија која ги загрозува интересите не само на професијата, туку и на јавноста, затоа што во ваква консталација сериозно се загрозени слободата на изразување и објективното известување, вели Момироски.

Тој посочува дека за елементите на постигнатиот договор координаторите на регионалните центри и членството на ЗНМ не биле запознаени се до неговото објавување во јавноста, што предизвика незадоволство во медиумска заедница.

OhridNews