Општините Струга и Охрид не се откажуваат од намерата  да се раздружи меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ кое управува со водоводите и колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Двете општини пред повеќе години преку советите иницираа поделба на Проаква, но процесот беше стопиран од Владата која поради кредитните обврски  кон меѓународни финансиски институции на меѓуопштинското јавно претријатие не дозволува негова поделба.

Од Општинa Охрид објаснуваат дека нивната иницијатива е легитимна, затоа што при формирањето на Проаква со статут е предвидено јавните водоводни претпријатија да функционираат како посебни единици со посебни жиро сметки. Доколку државата не дозволи нивна регистрација во Централниот регистар како посебни правни субјекти, општините најавуваат дека ќе формираат нови јавни претпријатија Водовод Струга и Водовод Охрид, за што двете локални самоуправи веќе отпочнаа процедури, додека грижата за колекторскиот систем и натаму ќе биде обврска на заедничкото  јавно претпријатие Проаква.    

– Двата процеси истовремено ќе ги тераме и формирањето на претпријатието и делбата на водоводните системи со Струга, кое решение побргу ќе дојде другото ќе го прекинеме. Доколку се дозволи регистрација во Централниот регистар овој почеток на формирање ќе го прекинеме, изјави градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Водоводите во Охрид и Струга немаат ништо заедничко, двата системи се снабдуваат со вода од посебни извори и не се  меѓусебно поврзани, укажува Петрески. Тој смета дека заедничкото работење на водоводите е на штета на општина Охрид затоа што наплатата на вода во Струга е неколкукратно  помала, а поголемиот дел од трошоците паѓаат на товар на граѓаните на Охрид.

OhridNews