11 воспитувачки, негователки и друг технички персонал од градинката „8-ми Март“ во Струга, кои долги години работат со договор на дело, вчера со мирен  протест го изразија своето незадоволството од односот на институциите кон нив. Им порачаа дека доколку во најскоро време не биде решен нивниот статус, тие повеќе нема да доаѓаат на работа.


-Во јуни точно правам 10 години како работам со договор на дело. Порано редовно се земаше плата, малку даваа, но сега последните години има проблем, минимум со три месеци задоцнување ги земаме платите, истакна готвачот во градинката „8-ми Март“ Николче Секулоски.

– Без пари не се живее. Ги оставаме нашите деца дома доаѓаме на работа со надеж дека ќе ни дадат нешто. Доколку не ни се реши статусот мислиме да ја напуштиме работава, изјави воспитувачката Миведет Назипи.


Доколку се остварат најавите на персоналот со нерешен статус, во прашање ќе биде доведено работењето на градинките во Струга, како и на народната кујна која тие ја опслужуваат.

– Со самото заминување на воспитно негувателскиот кадар ќе згаснат групи и многу деца ќе останат незгрижени. Готвачот и благајникот се поврзани со двете градинки, плус со народната кујна што работи во нашата градинка каде што се хранат 90 семејства, рече Зуал Реџепоска – директор на градинката „8-ми март“ Струга.


Поддршка на незадоволниот персонал од градинката 8-ми Март, му изразија родителите на децата згрижени во градинката, кои бараат од институциите да го решат проблемот.

-Како што ние одиме на работа и добиваме плата, така треба и учителките и негователките да се платени, рече Теута Зиба Џеладини – родител

-Мора да има услови за малите деца, но и за воспитачките и негователките, додаде родителот Сетат Цинциќ.


Од општина Струга велат дека согласно можностите помагаат колку што можат да се ублажи проблемот со персоналот од градинките, но не се во можност да го решат нивниот статус, бидејќи за таа намена не се предвидени средства во буџетот на Локалната самоуправа. Од Министерството за труд и социјала, информираат дека се прават напори да се реши сттусот на вработените со договор на дело и покрај тоа на сила се владините антикризни мерки. Апелираат тие да бидат трпеливи за да не се загрози работењето на градинките.

OhridNews