На последната, 29- та седница, меѓу останатите точки од дневен ред, Владата расправаше и за измени во Законот за готовински плаќања. При тоа се утврди текст за измени на овој закон со кој се предлага- доколку даночниот обврзник кој вовел и користи одобрен систем на фискална опрема на купувачот на доброто, односно корисникот на услугата, во моментот на предавањето и плаќањето на доброто, не му издаде фискална сметка, купувачот нема обврска да ја плати цената на доброто, односно цената на услугата.

На седницата беа донесени и одлуки за трансфер на надлежностите во делот на располагање со градежното земјиште на општините: Струга, Струмица, Кисела Вода, Карпош, Делчево и Виница.

Во однос на туризмот, Владата ги разгледа информациите за можноста за субвенционирање на 10 општини за изработка на стратегии за развој на еко и алтернативен туризам, при што беше заклучено активностите по однос на ова прашање да бидат поддржани преку соодветните програми во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Воедно, беше разгледана и информација со предлог мерки на активности и акционен план за мапирање на туристичките знаменитости и одбележување на сообраќајниците, при што беше заклучено активностите за поставување на предвидените 120 знаци за 2012 година да заврши пред почетокот на туристичката сезона, најдоцна до мај.

OhridNews